Чадот од Визбегово го „задуши“ Скопје
9 јули 2025Црн чад и непријатна миризба го обвитка Скопје, по пожар кој избувна на отпад во Визбегово. Во пожарот горат хаварисани возила, на кои има монтирано плински уреди и се слушаат детонации. Во огнената стихија е повредено едно лице, коешто веднаш е хоспитализирано. Поради непочитување наредба од службено лице, приведен е сопственикот на фирмата што управува со отпадот. На местото на пожарот се случи и инцидент, кога физички беше нападната новинарската екипа на телевизијата АЛСАТ М, која известуваше за големиот пожар на дивата депонија во Визбегово. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осуди нападот и очекува брза и ефикасна истрага, со соодветна санкција за напаѓачот.
Ескалација на проблемите
Проблемот, кој се одолговлекува со месеци наназад со пожари кои избувнуваа на дивата депонија во Визбегово, сега кулминираше со голем пожар на отпадот, кој предизвика вознемиреност кај жителите на околните населени места. Огнот беше видлив од голема далечина и претставуваше опасност за жителите во Шуто Оризари.
Од Центарот за управување со кризи ја разгледуваат можноста за евентуално евакуирање на населението во тој реон.
„Во реонот на Визбегово, Општина Шуто Оризари во близина на дивата депонија, избувнал пожар кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. По барање на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, побарана е воздушна поддршка за справување со пожарот. Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш го процесуираше барањето до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со цел побрза и поефикасна интервенција на терен“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
За гаснење на пожарот е активиран авион ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и хеликоптерот на МВР „aуста бел 212“. „Беа извршени повеќе фрлања на вода но поради засилениот ветер и густиот чад, за сега хеликоптерот е повлечен во базата“, велат од МВР.
Станува збор пожар во отпад за старо железо којшто избувна во утринските часови. „До сега нема зафатено приватен имот – куќи. Се преземаат мерки за гасење на огнот и расчистување на случајот“, информираа од МВР.
Отпадот е на два километри воздушна линија од центарот на Скопје.
Центарот за управување со кризи информира дека во Македонија се активни седум пожари, а два се локализирани. Според информациите на ЦУК, имало вкупно 31 пожар на отворен простор од кои 22 се изгаснати. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изрази сомнеж дека дел од пожарите се намерно подметнати.
Алармантното загадување предизвикано од пожарите во комбинација со екстремно високите температури го загрозуваат здравјето на граѓаните. Институтот за јавно здравје издаде препораки за заштита на здравјето во услови на пожари, а Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена.