Бундестагот го суспендира семејното обединување за бегалците
27 јуни 2025Семејното обединување за одредени категории на бегалци повторно ќе биде суспендирано за две години. Оваа одлука е донесена денеска (петок) во Бундестагот.
Законот, предложен од сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт (ЦСУ), ги засега роднините на луѓето што живеат во Германија без признат статус на азилант. Во иднина, тие ќе можат да доаѓаат во Германија само во исклучителни случаи.
Законот беше усвоен по дебата што напати беше емотивна, со 444 гласа „за“ и 135 „против“. AфД уште претходно ја објави својата поддршка за нацрт-законот предложен од владината коалиција на ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите.
Коалицијата го оправда суспендирањето на семејното обединување со олеснување на товарот врз германските системи за прифаќање и интеграција. Меѓутоа, во тешки случаи, семејното обединување треба да остане можно. Покрај суспендирањето на семејното обединување, нацрт-законот предлага и враќање на целта за ограничување на имиграцијата во Законот за престој, заедно со неговите контролни мерки.
Суспендирањето ги засега членовите на семејствата на таканаречените корисници на супсидијарна заштита. Тоа се луѓе на кои во Германија не им е признат статус според Женевската конвенција за бегалци или како баратели на азил, но на кои им е дозволено да останат од други причини. Тоа е случај ако се соочени со тортура, смртна казна или нехуман третман во нивната матична земја. Често се погодени бегалците од граѓански војни.