Отпор против воведувањето на еврото во Бугарија
4 јуни 2025Бугарија е на чекор до остварување на својата децениска цел — приклучување кон еврозоната и продлабочување на врските со побогатите земји од Западна Европа. Но, владата се соочува со популистички отпор против заедничката валута во пресрет на клучна одлука од страна на институциите на Европската Унија.
Стравувањата од инфлација, сиромаштија и неизвесност се преплетуваат со дезинформации што се шират преку социјалните мрежи и имаат за цел да го свртат јавното мислење против еврото. Незадоволството е во согласност со растечката поддршка за популистички и антиевропски партии низ цела Европа, што го искористуваат националистички и проруско ориентирани политичари во земјата која и натаму е една од најсиромашните и најкорумпираните во Европа.
„Со воведувањето на еврото ќе го почувствуваме прагот на сиромаштијата. На крајот на краиштата, цените ќе бидат во евра“, вели 78-годишната пензионерка Тања Игнатова.
„Бугарија не е подготвена за еврото. Можеби еден ден ќе биде, но не сега“, вели друг пензионер, Марио Георгиев.
Неколку илјади луѓе во саботата протестираа во главниот град Софија против еврото, барајќи референдум за тоа дали да се премине од левот на заедничката европска валута. Лидерот на проруската партија „Преродба“ („Вазраждане“), Костадин Костадинов, изјави пред насобраните: „Бугарија се крена и прогласи: Слобода, го избираме бугарскиот лев!“
Мнозина сепак го поддржуваат еврото
Други граѓани велат дека Бугарија веќе има корист од членството во ЕУ и дека не е важно која е валутата. „Имаме инфлација и сега и ќе ја имаме и во иднина“, изјави 26-годишниот Константин Божинов.
Во обид да ја продлабочи европската интеграција во услови на зголемени геополитички тензии, владата продолжува со подготовките. Таа побара преглед кој треба да утврди дали земјата ги исполнува условите за ниска инфлација, стабилни јавни финансии и усогласеност со правото на ЕУ. Европската комисија ќе ги соопшти резултатите во среда на 4 јуни.
Ако Комисијата даде зелено светло, земјите членки ќе донесат конечна одлука за кандидатурата на Бугарија во следните недели. При последната евалуација во 2022 година, Бугарија не го исполни критериумот за инфлација. Оттогаш инфлацијата е намалена.
Претседателот Румен Радев ги охрабрува противниците на еврото, предлагајќи референдум за валутата, повикувајќи се на јавни грижи за инфлацијата и куповната моќ. Тој предлог дојде по протест во февруари, кога канцелариите на Европската комисија во Софија беа облеани со црвена боја, а влезот беше запален.
Предлогот на претседателот беше отфрлен од прозападното парламентарно мнозинство, кое го обвини Радев дека работи во полза на Русија со обидите во последен момент да ја саботираат евроинтеграцијата.
Според анкетата на Евробарометар објавена минатата недела, 50% од Бугарите се против воведувањето на еврото, додека 43% го поддржуваат. Наспроти тоа, довербата во еврото расте низ останатите земји на ЕУ.
Бугарија стана членка на Европската Унија во 2007 година. Земјата со години се соочува со политичка нестабилност и корупција, што придонесува за евроскептицизам меѓу нејзините 6,4 милиони граѓани. Аналитичарите предупредуваат дека дезинформациски кампањи од странство ги потхрануваат стравовите од економски промени што би можеле да донесат поголема сиромаштија.
На социјалните мрежи кружат бројни лажни тврдења од противниците на еврозоната. Едно од нив вели дека ЕУ планира да им ги одземе заштедите на граѓаните ако не ги потрошат во одреден рок. Друго тврдење вели дека планираното воведување на дигиталното евро е дел од шема за целосна контрола врз населението.
„Просечниот Бугарин е изложен на силно миење мозок. Се шират илузорни стравови, се изговараат лаги масовно, без скрупули и срам“, изјави Огњан Минчев, директор на Институтот за регионални и меѓународни студии во Софија.
Ризици и придобивки
Економистите сметаат дека приклучувањето кон еврото нема значително да ја смени бугарската економија на краток рок, бидејќи курсот на левот е фиксиран со закон кон еврото – 1 лев изнесува 0,51 евро.
Членството во еврозоната може да донесе пониски трошоци за задолжување, полесна споредба на домашните и странските цени, како и олеснување на патувањата во други земји од еврозоната без потреба од размена на валута. Поважно, тоа е симбол на целосна интеграција во европското економско јадро. Членките добиваат и место во Одборот за монетарна политика на Европската централна банка.
Земјите што стануваат членки на ЕУ се обврзуваат да се приклучат кон еврозоната, и досега тоа го сториле 20 од 27 членки. Последна се приклучи Хрватска во 2023 година.
Бугарската влада има многу ниско ниво на јавен долг — само 24,1% од БДП, што е втор најнизок процент во ЕУ и далеку под прагот од 60% поставен како критериум за еврозоната. Тоа е остар контраст со соседна Грција, која влезе во еврозоната во 1999 година со високи долгови скриени преку сложени финансиски трансакции. Нејзината криза подоцна доведе до поширока финансиска криза во еврозоната.
„Бугарската влада е фискално исклучително конзервативна… ризикот од тоа Бугарија да стане фискално оптоварување за еврозоната е речиси нула“, вели Жолт Дарваш, виш истражувач во тинк-тенкот Бругел во Брисел.
Стравувањата од инфлација не се сосема неосновани. Според искуството од други земји, при премин од национална валута кон евро често има мал ефект на инфлацијата — обично под 1%, вели Дарваш. Економистите објаснуваат дека еднократното зголемување на цените најчесто се јавува кај услужниот сектор, како што се рестораните, кои поретко ги прилагодуваат цените и ја користат приликата за нови ценовници и поскапувања.