Бразил: Врховниот суд му одреди домашен притвор на Болсонаро
5 август 2025Врховниот суд на Бразил во понеделникот му одреди на поранешниот претседател Жаир Болсонаро домашен притвор.
Поранешниот претседател е на судење поради основано сомневање дека предводел обид за државен удар по поразот на изборите во 2022 година од Луиз Инасио Лула да Силва.
Зошто судот му одреди домашен притвор на Болсонаро?
Наредбата ја издаде судијата Алесандро де Мораеш, кој го води случајот против Болсонаро во судот.
Во својата одлука, тој наведе дека Болсонаро ги прекршил судските ограничувања кои му беа изречени во јули.
Минатиот месец, Врховниот суд му нареди на Болсонаро да носи електронски уред за следење на глуждот и му одреди ноќен домашен притвор за време на неговото судење.
На крајнодесничарскиот лидер му е забранет пристап и на социјалните медиуми откако беше обвинет дека се обидел да го попречи судењето со жестоки говори кои ги споделија на интернет неговите синови и сојузници.
Според забраната, на трети страни им е забрането да ги споделуваат неговите јавни изјави.
Во неделата, сојузниците на Болсонаро се спротивставија на судската наредба за емитување на разговор во живо помеѓу 70-годишникот и еден од неговите синови на митинг во поддршка на Болсонаро.
Покрај куќниот притвор, оваа последна наредба му забрани на поранешниот претседател да прима и посетители, со исклучок на адвокати и лица овластени од судот.
Мореш, исто така, нареди конфискација на мобилни телефони од домот на Болсонаро во Рио де Жанеиро.
Адвокатите на Болсонаро во соопштение наведоа дека ќе поднесат жалба на последната судска одлука, тврдејќи дека поранешниот претседател не прекршил никаква судска наредба.
САД брзо го осудија куќниот притвор на Болсонаро
Американскиот Стејт департмент ја осуди наредбата за куќен притвор, објави новинската агенција Ројтерс.
Во неа се наведува дека Мораеш ги користи бразилските институции за да ја замолчи опозицијата и да ја загрози демократијата и дека САД „ќе ги повикаат на одговорност сите оние кои помагаат и го поттикнуваат санкционираното однесување“.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го нарече судењето на Болсонаро „лов на вештерки“.
Кон крајот на минатата недела, Трамп воведе царини од 50 проценти на низа производи увезени од Бразил, вклучително и за кафе, директно поврзувајќи ги со судењето на Болсонаро. Тоа е највисоката царинска стапка која Трамп ја вовел на која било земја во светот.
Администрацијата на Трамп, исто така, воведе санкции врз Мораеш според Глобалниот закон Магницки, кој им овозможува на САД да санкционираат странци кои ги смета за прекршители на човековите права.