Либија испраќа бегалци, Грција возвраќа со заострени мерки
15 јули 2025Во екот на туристичката сезона во Грција, сè повеќе бегалци пристигнуваат преку Средоземното Море од Либија. Најмногу погодени се јужниот брег на Крит и малиот остров Гавдос — најјужната точка на Грција. Токму таму притисокот расте поради сè поголемиот број пристигнувања на бегалци по морската маршрута од Либија, која се наоѓа на околу 350 километри јужно. Само оваа недела, на Крит и Гавдос пристигнале или биле пресретнати од грчката крајбрежна стража околу 1.500 бегалци.
Локалните власти се чувствуваат немоќни пред новонастанатата ситуација. Стотици луѓе се задржани под отворено сонце во пристаништата на Крит, во Ханија, Ретимно и Ираклион. Изминатите денови околу 500 лица беа пренесени во пристаништето Лаврио, источно од Атина.
Како реакција на ситуацијата, грчката влада предводена од премиерот Кирјакос Мицотакис усвои контроверзна законска измена: во рок од најмалку три месеци, не се предвидува обработка на барањата за азил на бегалците кои преку морето и преку Либија влегуваат во Грција. На Крит, покрај тоа, се планира изградба на нов бегалски камп.
Приведување на бегалци
Според новоусвоениот закон, бегалците од Северна Африка кои ќе пристигнат на Крит ќе бидат приведувани, без непосреден пристап до процедура за азил. По истекот на три месеци, планирана е забрзана депортација. Оваа одредба, сепак, е во спротивност со меѓународните и европските правни норми, како што се Европската конвенција за човекови права, Повелбата за основни права на ЕУ, но и грчкото законодавство, сите гарантираат право на фер постапка за добивање азил.
Некои грчки правни експерти ја доведуваат во прашање усогласеноста на законот со постоечките стандарди и предупредуваат дека Грција може да се соочи со постапки на европско ниво. Се поставуваат и прашања околу практичната примена и временската рамка на новата регулатива, на пример, од кога ќе се суспендираат постапките за азил, каде и под какви услови ќе се сместуваат бегалците што ќе пристигнат.
Одвраќање внимание од други проблеми
Поради наглиот пораст на нови пристигнувања, грчката влада се соочува со зголемен јавен и политички притисок за справување со кризата. Законските измени се гледаат како одговор на овој притисок. Сепак, новите одредби, освен што можеби имаат цел да ги одвратат бегалците, најверојатно имаат и функција да го одвратат вниманието од внатрешно-политичките проблеми.
Од крајот на јуни 2025 година, на пример, јавноста е зафатена од скандал поврзан со незаконски добиени земјоделски субвенции од ЕУ. И понатаму актуелна е и железничката несреќа во Темпи, чија причина останува неразјаснета и две години подоцна. Измените во политиката за азил сега се оправдуваат со вонредната состојба, која според владата бара брза и решителна реакција. Меѓутоа, многу експерти сметаат дека овие мерки нема да издржат на суд.
Мал остров со ограничени ресурси
Околу една петтина од бегалците пристигнуваат преку малиот остров Гавдос, кој се наоѓа околу 35 километри јужно од Крит во Либиското Море. Островот располага со многу ограничена инфраструктура за прифаќање бегалци. Водните ресурси се слаби и главно се наменети за локалното население и туристите кои доаѓаат во текот на летната сезона. Општинската администрација е недоволно екипирана, а до островот може да се стигне само со траект од Крит.
Затоа, бегалците таму добиваат само минимална првична помош, со цел што побрзо да бидат прераспределени. Гавдос добива финансиска и логистичка поддршка од грчкото Министерство за миграции и преку привремено распоредени бродови на Фронтекс, кои интервенираат во случаи на морски инциденти во регионот.
Отпор во Грција
Целосна суспензија на постапките за азил досега во Грција се случи само за време на пандемијата со коронавирусот и во исклучителни случаи долж реката Еврос на североисточната граница со Турција. Новите мерки се доживуваат како крајно репресивни и отвораат сериозни прашања за почитувањето на владеењето на правото. Особено контроверзни се враќањата во небезбедни земји на потекло или транзит, кои би можеле да го прекршат меѓународниот правен поредок и да претставуваат хуманитарен ризик.
Во самата Грција постои отпор и од други причини. За многумина, мерките не се доволно ригорозни. Локалните протести го отежнуваат проширувањето или изградбата на нови центри за бегалци. Дури и во редовите на владејачката партија Нова Демократија на премиерот Мицотакис има противење кон изградба на вакви капацитети на Крит. Туристичкиот сектор стравува од негативно влијание врз имиџот на популарниот остров. Заедничко за протестите е тоа што тие го отфрлаат прифаќањето на бегалци на Крит, без притоа да дадат одговор што да се прави со оние кои веќе пристигнале.
Протерување на делегација од ЕУ
Европската комисија е информирана за законските измени и изрази разбирање за товарот што Грција го поднесува на надворешните граници на ЕУ. Јавната критика од Брисел е воздржана. Освен тоа, зад новиот бран бегалци стојат и геополитички мотиви: генералот Калифа Хафтар, кој владее со источна и јужна Либија, очигледно сака да изврши притисок врз ЕУ за признавање на неговиот режим преку испраќање бегалци кон Грција. Преговорите со претставници на ЕУ тој ги прекина уште на почетокот на неделата, членовите на една европска делегација, меѓу кои и австрискиот комесар Маркус Брунер и италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози, беа прогласени за „персона нон грата“ веднаш по пристигнувањето во Бенгази и беа протерани.