Полициски возила со камери ќе сликаат и ќе казнуваат
21 февруари 2025Полициски возила опремени со специјални камери во иднина ќе снимаат и ќе казнуваат за неправилности во сообраќајот во Северна Македонија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека станува збор за новина којашто ќе биде имплементирана во рамките на воведувањето на системот „Безбеден град“ (Сејф сити).
Полициските возила ќе бидат целосно опремени со паметни камери и при движење на конкретни сообраќајници и улици, ќе ги „ловат“ сите погрешно паркирани возила. „Потоа тие ќе бидат процесуирани во системот врз основа на компјутерска обработка на податоците кои ќе бидат во системот“, вели министерот. На тој начин, очекувањата се дека возачите ќе се придржуваат повеќе до правилата, бидејќи ќе знаат дека секој кој нема да ги почитува ќе биде казнет. Тоа, пак, ќе резултира со намален број на сообраќајни незгоди и загубени животи.
Кога ќе почне казнувањето?
Првите казни ќе почнат да се изрекуваат од 1 јануари 2026 година, но системот ќе почне да функционира и порано, со тоа што ќе се испраќаат предупредувања до возачите за направените прекршоци.
Надлежните институции работат на законски измени на сите закони коишто ќе треба да ја уредат оваа проблематика. Надежите на министерот за внатрешни работи се дека со крајот на март веќе ќе биде готова првичната верзија на законските измени, и тие во текот на април да влезат во владина процедура. Во првата фаза граѓаните најпрво ќе бидат предупредупредувани за направениот прекршок, додека од 1 јануари идната година се очекува законските измени целосно да стапат на сила.
Намерата е до 2030 година да се намали и преполови бројот на сообраќајни несреќи. Годишно во земјата над 140 лица ги губат животите со сообраќајни несреќи, што е над европскиот просек.
Двојно зголемен број на прекршоци
По сообраќајните несреќи во коишто животите ги загубија млади лица, Тошковски најави засилено присуство на полицијата и контроли на улиците. Ваквите мерки, според него веќе даваат ефекти. Бројката на сообраќајни незгоди, според него, е намалена за околу 30%, а бројката на сообраќајни несреќи со тешки последици е намалена за околу 60%.
Но, останува фактот дека бројот на прекршоци годинава е двојно зголемен во однос на лани. Ако во 2024 година имало околу 2.000 прекршоци на ниво на СВР Скопје за период од 10 дена, годинава има околу 4.000 прекршоци, коишто се констатирани со зголеменото присуство на полицицајци на терен, вели Тошковски.
За 20 дена - казнети над 6.000 возачи
МВР информираше дека само за 20 дена - 6.056 возачи добиле казни за брзо возење. Податоците се за периодот од 1 до 20 февруари и во овој период полицијата има издадено вкупно 18.132 платни налози. Освен за пречекорување на брзината на движење, казни имало и за непрописно паркирање и тоа за 4.213 возачи. При контролите биле откриени и им биле издадени платни налози и на 1.510 возачи кои немале возачка дозвола.
Ваквите прекрошци, според надлежите, се причина зошто итно се потребни суштински измени во повеќе закони. Дел од измените предвидуваат ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци, каде предлага место алтернативни да се изрекуваат затворски казни. Исто така во план е проширување на можностите на системот „Безбеден град“ да препознава нерегистрирани возила, како и набавка на тестови за дрога, со оглед на тоа дека возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.
Одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење, како и стоги казни за ониекоишто често ги прекршуваат сообрачајните правила, се само дел од мерките коишто се планираат за во иднина. МВР ќе прави анализа и околу употребата на електричните велосипеди - по што ќе следи расправа дали да се забрани нивно користење, или пак да се најде соодветно законско решение за да се регулира нивното учество во сообраќајот.