Бесните возачи може да останат и без возило и без дозвола
7 февруари 2025Надлежните институции ќе го стегаат обрачот околу бесните возачи. Оние коишто неколкупати ќе направат сериозни прекршоци ќе се соочат и со високи казни, но и со одземање на возилото и губење на возачката дозвола. На тој начин, очекувањата се дека ќе се намали и бројот на сообраќајки на улиците и ќе се спречат идни трагедии во коишто се повеќе млади луѓе ги губат животите.
Високи казни за дисциплина
Министерството за правда смета дека со зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, ќе се спречи дивеењето на улиците. „Потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа за изрекувањето и спроведувањето на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни и дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, порача министерот за правда, Игор Филков, пред пратениците и претставниците на институциите на јавната расправа во Собранието, иницирана по несреќата на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во којашто беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.
Зголемениот број на сообраќајни несреќи со смртни последици, според надлежните е аларм дека треба да се преземат мерки за менување на сегашната законска регулатива.
„Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, вели тој.
Системот „безбеден град“ за безбедни улици
Министерствата за правда, МВР, судии и универзитетски професори веќе работат на имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Новите измени и дополнувања во Законот за прекршоци ќе вклучуваат посебна постапка која ќе се однесува на прекршоците детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city). Овој систем треба да овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци, при што комплетно ќе се елиминира можноста за влијание и злоупотреби.
За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд за сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот ќе може да донесе мерка за одземање возачка дозволс. Возачот нема да добие нова дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата.
Правилата мора да важат за сите
Според податоци на МВР, во текот на 2024 година имало 142 жртви во сообраќајни несреќи во Северна Македонија.
„Последните три години бројката на загинати во сообраќајни незгоди е нешто помалку од 400, тоа не се само бројки и секој од тие загубени животи е трагедија, бидејќи нивната загуба е подеднакво болна и нивната правда е подеднакво важна“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Според него, културата на протекционизам на неказнивост создава социопатолошки поведенија, особено кај младите. „Кога системот испраќа порака дека правилата не важат за сите, тогаш добиваме генерации кои веруваат дека можат да прават што сакаат без последици. Но, тоа мора да престане, законите не смеат да бидат само мртво слово на хартија, мора да бидат имплементирани и доследно почитувани“, вели Тошковски.
Во делот на законските измени, тој смета дека е неопходно ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци. „Сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење и место алтернативно да се изрекува парична казна, таа кумулативно да се изрекува со казна затвор“, вели тој.
Се размислува за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење, но и соодветни санкции за возење без дозвола, бидејќи бројките се застрашувачки – во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година 19.000 прекрошци.
Иницијативата за одржување на јавната расправа пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците за измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот беше поднесена од страна на пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ.