Бес во Гренланд поради посетата на Уша Венс и Мајк Волц
24 март 2025Гренланѓаните во моментов не се многу наклонети кон САД, што првенствено се должи на повеќекратно изразените експанзионистички фантазии на новиот американски претседател. Доналд Трамп изјави дека Гренланд ќе стане дел од САД „на овој или оној начин“.
Нормално, луѓето таму ги гледаат работите сосема поинаку. И според весникот „Гардијан", владее соодветно голем бес поради најавената посета од Вашингтон. Во четврток, Уша Венс го посетува островот, кој припаѓа на Данското Кралство.
Сопругата на заменикот на Трамп Џ.Д. Венс најпрво сака да отпатува во главниот град Нук, а потоа да присуствува на традиционалната трка со санки со кучиња која започнува во сабота во градот Сисимиут.
Но, и други истакнати кадри од „универзумот“ на Трамп го најавија своето присуство. Мајк Волц, советникот за безбедност на Трамп и секретарот за енергетика Крис Рајт исто така се упатуваат кон Гренланд. Тамошниот премиер, Муте Егеде, зборуваше за „провокација“ алудирајќи на Волц.
„Ова е чисто демонстрација на сила против нас. Сигналот треба да биде јасен“, изјави Егеде за весникот „Сермитсиак," мислејќи на Волц. „Тој е доверлив човек и најблизок советник на Трамп. Неговото присуство на Гренланд ќе ја зајакне вербата на Американците во мисијата на Трамп. И притисокот ќе расте“.
Очигледно американската влада побарала официјални средби со данските и гренландските претставници, но тоа било одбиено. Патувањата сè уште не се официјално потврдени од САД.
Трамп со месеци зборува дека сака да ја преземе контролата над Гренланд. Тоа го оправдува или со национална или меѓународна безбедност. Во оваа позадина, неговиот син Доналд Трамп Јуниор на почетокот на јануари отпатува на еден ден во главниот град на Гренланд, Нук, привлекувајќи внимание на медиумите.
На островот, политичарите и поголемиот дел од населението не сакаат тој да стане американска територија. Пред една недела, стотици луѓе во Нук и на други места протестираа против плановите на Трамп за преземање.
Гренландската политика е во процес на формирање нова влада по најновите парламентарни избори. На 1 април ќе се одржат и локални избори на островот. „Јасно е дека таборот на Трамп не го почитува нашето право на самоопределување без надворешно мешање“, критикуваше гренландскиот пратеник во данскиот парламент, Аја Кемниц, на Фејсбук.
На најголемиот остров во светот живеат само 57.000 луѓе. Гренланд е автономен во многу области од 1979 година, но поранешната колонијална сила Данска сè уште одлучува за надворешната и одбранбената политика.