Бербок сака да биде повеќе од само претседавач
2 јуни 2025Изборот на претседавач на Генералното собрание на Обединетите нации вообичаено се одвива неспектакуларно, со акламација. Амбасадорите на ОН од 193 земји-членки учтиво аплаудираат. Претседавачот во заминување е задоволен што е најден наследник кој ќе ја преземе работата во период од една година, почнувајќи од септември. Иако се работи за протоколарно највисоката функција во Обединетите нации, задачата на претседавачот е да ги подготвува и води седниците на Генералното собрание, што вклучува и грижа за почитување на времето за обраќање и за тоа помалите земји да дојдат до збор, како и да се казнуваат непријатни упади во говорите.
Аналена Бербок уште при претставувањето пред Генералното собрание на ОН кон средината на мај, јасно стави до знаење дека функцијата сака да ја извршува на начин кој е повеќе од само церемонијален. „Во својата 80-та година од постоењето, Обединетите нации се соочуваат со егзистенцијални предизвици. Сепак, убедена сум дека ова не е момент за очај“, рече таа.
Криза на Обединетите нации
Бербок најави дека актуелната криза на Обединетите нации ќе ја сфати како шанса. Обединетите нации се под значителен финансиски и политички притисок откако Доналд Трамп ја презеде функцијата претседател на САД. Трамп планира значително да ги намали придонесите на американската влада за ОН. Освен тоа, Трамп нареди повлекување на САД од Светската здравствена организација (СЗО), Парискиот договор за климата, Советот за човекови права на ОН и Службата на ОН за помош за Палестина (УНРВА).
Ваквата тешка појдовна ситуација Бербок сака ја искористи како претседавач со Генералното собрание на ОН за да иницира реформи. За време на претставувањето, таа вети дека ќе „искорени двојни структури и ќе ја подобри ефикасноста и транспарентноста на ОН“ и додаде дека тоа е „тешка работа што мора да биде завршена“.
Потрага по наследник на Гутереш
Друга важна задача која ѝ претстои на Бербок е тешката потрага по наследник на функцијата генерален секретар на ОН. Мандатот на Португалецот Антонио Гутереш трае до крајот на 2026 година. Ниту една жена никогаш не ги предводела Обединетите нации. Бербок сака да го смени тоа, а пред сѐ Генералното собрание да биде транспарентно вклучено во одлуката за наследник. Таа нагласи оти сака да има отворена врата за сите земји-членки. „Ќе им служам на сите 193 земји-членки, големи и мали. Како чесен посредник. Како обединувачка сила. Со отворено уво и отворена врата“, вели Бербок.
Критики од повеќе држави
Тоа што Бербок својата функција сака да ја извршува поактивно од многу нејзини претходници не наидува на одушевување кај сите земји-членки. На претставувањето кон средината на мај, критики имаше од Србија и Белорусија, бидејќи Бербок како министерка за надворешни работи настапувала премногу поларизирачки. Заменик-амбасадорот на Русија во ОН, Димитриј Пољански, реагираше со остро отфрлање и ја обвини Бербок за „еклатантна пристрасност“ и за немање дипломатски способности. Тој го повтори лажното тврдење дека Бербок била „горда на својот дедо, кој служел во Ес-Ес“.
Меѓу другото и поради ова се смета дека Русија денеска (2.06) ќе го одложува изборот на Бербок и дека ќе побара тајно гласање наместо вообичаената акламација. Ова е невообичаено и последен пат се случило во 2020 година, пред изборот на Волкан Бозкир од Турција. Тогаш ерменскиот амбасадор во ОН побара тајно гласање.
Се смета дека е сигурен изборот на Бербок
Но дури и при тајно гласање, изборот на Бербок се смета за извесен. За него е доволно простото мнозинство од присутните земји-членки. Сепак, при едно такво гласање би се видело колку земји-членки всушност не сакаат да гласаат за Бербок, но ќе остане тајна кои се.
На сослушувањето минатиот месец, амбасадори на ОН од неколку членки ја пофалија Германија за назначувањето на истакнат, до неодамна активен, министер за надворешни работи за оваа функција. Во Берлин, пак, имаше критики, бидејќи за ова место беше предвидена всушност германската дипломатка Хелга Шмид. Шмид имаше одржано бројни интервјуа во Њујорк, но кога по сојузните избори стана јасно дека Зелените веќе нема да владеат, самата Бербок се заинтересира за највисоката функција во ОН. Тогашниот канцелар Олаф Шолц и неговиот наследник, Фридрих Мерц, се согласија.
Преземање на функцијата во септември
По изборот, Бербок треба да ја преземе својата нова функција во септември. Таа би била петта жена претседавач со Генералното собрание во 80-те години постоење на ОН. Патем, платата за протоколарно највисоката функција во Обединетите нации и киријата за нејзиниот стан во Њујорк се покриваат од германскиот буџет, односно од страна на владата од чија земја е претседавачот, а не од буџетот на Обединетите нации.
Автор на текстот: Мартин Ганзлмајер, АРД