Белата куќа отвори официјален ТикТок профил
20 август 2025ТикТок всушност не ни смее да биде онлајн во САД според законот - сепак седиштето на Доналд Трамп сега има свој профил на апликацијата за кратки видеа. Првото видео на новата страница на Белата куќа се состои од колаж од јавни настапи на американскиот претседател. Во заднина тој вели: „Јас сум вашиот глас“.
Бидејќи ТикТок е во сопственост на кинеската компанија Бајтденс, во САД постои загриженост дека кинеската влада би можела да пристапи до податоците на американските корисници преку ТикТок и да манипулира со јавното мислење во земјата преку апликацијата. ТикТок го негира тоа.
Минатата година, во САД беше донесен закон кој предвидуваше дека апликацијата треба да се исклучи ако барем американскиот дел од бизнисот не се продаде до јануари. Трамп, меѓутоа, му даде на ТикТок грејс период од неколку месеци преку уредба, а потоа го продолжи уште неколку пати. Законот предвидуваше само едно одложување од 90 дена во случај на перспектвни преговори за продажба. Договорот за продажба на ТикТок, како што беше ветено од Белата куќа, до денес не постои.
Пресврт на Трамп во вториот мандат
Во својот прв мандат, Трамп се обиде да ја наметне продажбата на ТикТок со закана со забрана, но тоа не успеа во американските судови. Сега, со овој закон, би постоела солидна правна основа за забрана во САД - но Трамп, во меѓувреме, смета дека апликацијата му била корисна во предизборната кампања за Белата куќа, првенствено за да допре до младите гласачи.