САД добиваат „Министерство за војна“
5 септември 2025Според наводите на Белата куќа, претседателот на САД, Доналд Трамп ќе го преименува Министерството за одбрана (Department of Defense) во „Министерство за војна“ (Department of War). Трамп има намера да потпише извршна наредба со која ќе се дозволи употреба на името „Министерство за војна“ како друго име за министерството, се вели во документот од Белата куќа во четвртокот. Официјалното име на министерството го одредува Конгресот.
Според Белата куќа, новото име треба да испрати „посилна порака за подготвеност и решителност“. Ова би им сигнализирало на противниците на САД „дека Америка е подготвена да води војна за да ги обезбеди своите интереси“.
Министерот за одбрана Пит Хегсет, исто така, навести за претстојна промена на името на неговиот ресор. Во четвртокот вечерта, тој го објави текстот „МИНИСТЕРСТВО ЗА ВОЈНА“ на социјалната мрежа X. „Не станува збор само за зборови - станува збор за етика на воинот“, рече министерот.
Трамп би можел да го потпише указот уште денеска. Според неговиот распоред, тој планира да потпише неколку извршни наредби и да даде соопштение во Овалната соба попладнево.
Во последните недели, Трамп повеќепати споменуваше преименување на Пентагон во Министерство за војна. Тој го оправда својот предлог велејќи дека сегашното име е „премногу дефанзивно“. Затоа, тој сака повторно да го воведе терминот „Министерство за војна“, кој веќе беше во употреба од 1789 до 1947 година. „Тоа беше името кога победивме во Првата светска војна, кога победивме во Втората светска војна, кога победивме сè", рече Трамп минатата недела.