Криза во Судан: „Ја грабнавме ќерката, торбата и побегнавме“
2 мај 2023Нидал, жител од главниот град на Судан, Картум, раскажува како деновиве веќе не можела да издржи таму. „Паравојската се криеше во нашата зграда и армијата ги нападна”, вели 29-годишната мајка која побара името да и` го задржиме во тајност од безбедносни причини.
„Одлучивме да чекаме пауза во пукањето, ја земавме ќерката, пасошите и дипломите и избегавме”, се потсетува таа. Тогаш гласот и` затреперува и додава „сѐ оставивме, домот, пријателите, лаптопот со сите фотографии”.
Прво, семејството избегало во помирно маало. Од таму со автобус во селото Галабат во пограничниот регион кон Етиопија и од таму во селото Метема, на другата страна од границата, каде биле пречекани од мештаните кои и ги сместиле и нахраниле.
„Тука се чувствувам безбедна”, вели Нидал и додаве дека „не знаат точно што сега да прават понатаму”. Трауматизираното 3-годишно девојче цело време ја прашува зошто луѓето пукале во нив и „зошто не може да си одат дома”, вели Нидал.
Нема официјална врска за помош
Откако кон средината на април избија борби меѓу суданската армија под генералот Абдел Фатах ал Бурхан и лидерот на паравојската РСФ, Мохамед Хамдан Дагло, познат како Хемети,илјадници странци беа успешно евакуирани од земјата.
Цивилите пак, се препуштени сами на себе и на поддршката од демократски групации кои ја координираат помошта и информациите преку Ватсап и социјалните медиуми.
„Суданците користат социјални медиуми за да споделат по кои рути се движеле, за да предупредат од предизвици на патот и рестрикции за да им помогнат на сограѓаните”, вели за ДВ Мишел Дарси, директорка на суданската канцеларија на Норвешката организација за помош.
„Еден од клучните предизвици е пристап до кеш пари, бидејќи банките се затворени и не работат ни други начини за испраќање на парични средства”, вели таа и додава дека „цените на гориво, храна и превоз се енормно пораснати”.
На Твитер корисници објавуваат дека билет за автобус од Картум до границата со Египет чини околу 400 долари, што е десет пати повисока цена од вообичаено. Затоа не е секој кој сака да ја напушти земјата во можност тоа да го стори. „Заминувањето не е изводливо за секого и тоа е тешка одлука за Суданците, ризично е и да се остане и да се патува”, вели Дарси.
Хуманитарна криза во најава
Според Меѓународната организација за миграција, околу 3.500 лица ја поминале границата кон Етиопија до крајот на минатата недела. Во Чад се пребегани околу 20 илјади Суданци, а Јужен Судан јавува за околу 5.500 лица.
Министерството за надворешни работи на Египет јавува за 16 илјади бегалци. Суданците на терен предупредуваат од растечка хуманитарна катастрофа со илјадници други кои чекаат да ја преминат границата.
Мохамед Адам, 21-годишен студент по медицина за весникот „Индепендент” вели дека чекал речиси 36 часа на 40 степени без пристап до вода или храна на границата кон Египет. „Луѓето се под екстремен стрес, една трагедија се одвива на границата кон Египет каде дури и лица со британски пасоши беа враќани и не им се дава виза за влез”, вели за ДВ Сами Хамди, директор на консултантската фирма „Интернешнл” со седиште во Лондон.
Тој смета дека причина за тоа е економската криза во земјата. „Египет ќе ја искористи ситуацијата за да преговара за меѓународно финансирање и поддршка или ќе го блокира влезот на лица”, вели Хамди.
Суданци во Либија
Ситуацијата во соседна Либија е различна, таму не се проблем визите, туку безбедносни задршки на југот од државата. Регионот е под контрола на банди прочуени по киднапирања и шверц на оружје, како и криење паравојски.
Заради ова Исак, кој од безбедносни причини не сака да му се објави целосното име, на жена си и` рекол да остане во Судан и покрај борбите. „Загрижен сум заради криумчарењето луѓе на суданско-либанската граница”, вели тој за ДВ.
Од почетокот на борбите среќава Суданци секоја вечер по работа за да гледаат заедно вести. „Татко ми беше застрелан во борбите и моите двајца браќа се сега сами”, вели Фадел Шавкат, кој во Либија се преселил во 2019 година. 42-годишниот за ДВ раскажува дека „не можел до сега да оствари контакт со нив”.
Тој сака и браќата да си ги доведе во Либија, но патувањето е преопасно и тешко, бидејќи прво мора да дојдат до границата, а потоа и да го поминат непречено југот на земјата. „Не познавам никого кој би ги довел до границата," вели Шавкат.
Тој, како и други Суданци во Либија, не очекува помош од суданската влада или земјата домаќин, што е и ставот на Хамди.
„Либија, Египет, Чад, Етиопија, Сомалија, сите следат со голема загриженост што се случува, но за регионалните сили не е толку важно да се реши проблемот со Судан, колку што им е битно да се обезбедат тие самите за да не страдаат од кризата, дури и ако тоа значи дека ќе го блокираат Судан наместо да помогнат”.