Трамп упати „последно предупредување“ до Хамас
6 март 2025Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри закани до палестинската терористичка организација Хамас. Таа мора веднаш да ги ослободи сите заложници и исто така да ги предаде сите тела на убиените Израелци, „или за вас е готово“, напиша Трамп на својата онлајн платформа Трут Соушл - делумно со големи букви. „Му испраќам на Израел се што му треба за да ја заврши оваа работа. Ниту еден член на Хамас нема да биде безбеден ако не го сторите тоа што јас го велам“.„Ова е последното предупредување до вас!“ Сега е време раководството на Хамас да го напушти Појасот Газа додека се уште има шанса. Обраќајќи му се на населението на Појасот Газа, американскиот претседател напиша: „Ве очекува прекрасна иднина, но не ако држите заложници во заробеништво. Ако го направите тоа, вие сте мртви“. Луѓето треба да донесат „мудра одлука“ и да ги ослободат заложниците или подоцна би платиле за тоа.
„Тековни разговори и дискусии“
Непосредно пред тоа, Белата куќа објави дека администрацијата на Трамп води директни разговори со Хамас. Портпаролката Каролин Левит зборуваше за „тековни разговори и дискусии“ со Хамас, но одби да ја коментира нивната содржина.
Израел е информиран за директните преговори со претставниците на Хамас, нагласи таа. Трамп во средата се сретна и со осуммина ослободени заложници. Тој напиша дека Хамас им ги уништил животите.
Договорот за прекин на огнот на стаклени нозе
Терористичката организација сè уште држи 58 заложници во Појасот Газа, од кои 34 израелската армија ги прогласи за мртви. Минатиот викенд заврши првата фаза од прекинот на огнот во војната во Газа, за време на која заложници држени од Хамас беа ослободени во замена за голем број палестински затвореници. Продолжувањето на договорот е загрозено. Израел сега го прифати планот на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф за продолжување на договорот за време на муслиманскиот месец на пост Рамазан и еврејскиот празник Пасха. Планот ќе бара од Хамас да ослободи половина од преостанатите заложници во Појасот Газа во замена за продолжено примирје и обврска да преговара за прекин на огнот. Израел не спомна можно ослободување на други затворени Палестинци - клучен елемент од првата фаза.