Добивката на Ауди намалена за повеќе од една третина
28 јули 2025Тешки времиња за производителот на автомобили Ауди. Трет пат по ред, првата половина од годината е значително полоша од истиот период претходната година. За ова постојат неколку причини: царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, трошоците за реструктуирање на концернот и слабиот бизнис во Кина. Во бројки, тоа значи 1,3 милијарди евра, што е загуба од 37,5 проценти!
Производителот на автомобили ја намали својата прогноза за тековната година. Очекувањата за приходите се намалуваат за 2,5 милијарди евра на 65 до 70 милијарди евра. Сепак, при ваквите пресметки не е земен предвид царинскиот договор на ЕУ со САД. Во моментов се прави проценка на новонастанатата ситуација, изјави финансискиот директор Јирген Ритерсбергер. Сепак, компанијата генерално е задоволна што сега има предвидливост и може да се планира попрецизно.
Загуби за целата групација Фолксваген
Загуби бележи и целата групација Фолксваген, чиј дел е Ауди. Фолксваген, според сопствени наводи, заработил 2,29 милијарди евра, односно над една третина помалку од претходната година. Ова се должи, меѓу другото, на слабите резултати во работењето на скапите брендови на групацијата, Ауди и Порше.
Фолксваген како причина ги наведува и високите трошоци за реструктуирање, како и добрата продажба на електромобили, кои меѓутоа имаат пониски маржи. На својот најважен пазар за пласман, Кина, производителот на автомобили повторно заработи значително помалку. За разлика од тоа, повеќе автомобили беа продадени во Јужна Америка, а има и зголемувања во Европа.
Вкупната оперативна добивка се намали за добри 29 проценти на 3,83 милијарди евра, што одговара на оперативна маржа од 4,7 проценти. Ова е во согласност со очекувањата на аналитичарите. И покрај малото зголемување на испораките, обемот на продажба се намали за три проценти на 80,6 милијарди евра.
Намалена прогноза
Фолксваген објави дека оперативната добивка годинава веројатно ќе се движи само помеѓу четири и пет проценти. Претходно, компанијата предвидуваше добивка од 5,5 до 6,5 проценти. Продажбата сега е проектирана на нивото од претходната година - претходно имаше надежи за раст до пет проценти.