Ауди крати 7.500 работни места
18 март 2025Производителот на автомобили Ауди планира да укине 7.500 работни места до 2029 година. Компанијата, која е фирма-ќерка на концернот Фолксваген, објави дека раководството постигнало договор со работничкиот совет за „социјално прифатливо“ намалување на работните места „за да се зголеми продуктивноста, брзината и флексибилноста“ како дел од „договорот за иднина“. Притоа би требало да се кратат работни места во „индиректниот сектор“, односно надвор од производството на автомобили.
„Во време на пресврт, раководството и работничкиот совет се здружуваат“, изјави шефот на Ауди, Гернот Делнер. „Со овој јасен договор, подеднакво ја зајакнуваме конкурентноста на Ауди и сигурноста за иднина. Заедно, испраќаме јасен сигнал за поголемо фокусирање, ефикасност и профитабилност на нашите германски локации.“
Ауди, како и другите германски производители на автомобили, страда од слабеењето на побарувачката и зголемената конкуренција од Кина во секторот за електрични автомобили. Покрај тоа, заканите од американскиот претседател Доналд Трамп со царини предизвикуваат голема неизвесност. „Економските услови стануваат сè потешки, а конкурентскиот притисок и политичките несигурности ја поставуваат компанијата пред огромни предизвици“, соопшти Ауди.
Производителот на автомобили го опиша сега постигнатиот договор за иднината како „пресвртница во одржливото зајакнување на конкурентноста и идната сигурност на германските локации“. Производните локации во Германија треба да бидат поставени „цврсто и флексибилно за транзиција кон електромобилност“.
Нето добивката на концернот Фолксваген минатата година падна за 30,6 проценти. Кај конкурентот БМВ, профитот падна дури за 36,9 отсто, а кај Мерцедес-Бенц за 28,4 отсто.