Аплауз за херојството на Јован кој спаси 21 живот во Кочани
25 март 2025Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов, кој спаси 21 живот при пожарот во импровизираната дискотека во Кочани, по еднонеделното лекување ја напушти болницата во Скопје. Тој е еден од 12 пациенти коишто ги напуштија скопските клиники и заминаа на домашно лекување. Во домашните болници остануваат 27 лица на лекување, додека во странство се 115 пациенти.
„За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде што овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период за нив“, информираше министерот за здравство, Арбен Таравари.
Го ризикувал животот за да спаси други
Младиот херој Јован во својата родна Виница беше пречекан со аплауз и прегратки од неговите соученици во гимназијата „Ванчо Прќе“. Тој не е единствениот херој којшто со својата пожртвуваност спаси бројни млади животи. Дел од оние коишто помагале на своите сограѓани да се спасат, за жал не успеаја да преживеат во пожарот во Северна Македонија.
„Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите? Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да помогне на оние што биле заробени во пламените.Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други“, вели Таравари.
Тој наведува дека „телото на Јован ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација“.
„Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добредојде дома, Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име.Во име на сите граѓани, јас ќе кажам едно нешто, јасно и гласно: Никогаш нема да заборавиме“, порача министерот.
По несреќата родители сведочеа дека во најтешките моменти, кога сите биле во паника и страв, Јован без двоумење, им помогнал на повеќемина млади луѓе заглавени под рушевините на дискотеката. Костадинов намокрил маица, ја ставил на лицето и така влегол во дискотеката од која спасил 21 лице.
Неколку месеци под лекарска опсервација
Јован и другите повредени коишто беа пуштени дома од Клиниката за токсикологија, ќе бидат под опсервација на докторите во наредните два до три месеци. Директорот на Токсикологија, Андон Чибишев вели дека Јован бил примен на Клиниката за токсикологија заради белодробни потешкотии, односно вдишување на зголемени концентрации на јаглероден моноксид.
„Третиран е седум дена, сосема добро ја прифати терапијата, во подобрена општа клиничка состојба вчера е пуштен на домашно лекување со комплетно референтни лабораториски и токсиколошки анализи“, рече Чибишев.
Неколку западноевропски држави понудиле подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти. Министерот Таравари вели дека во следните денови ќе известат каде може да бидат сместени тие пациенти, доколку има потреба за подолготрајна рехабилитација.
За прихолошка поддршка - 130 психолози на терен
Сто и триест психолози се на располагање за психолошка поддршка на учениците, студентите и на граѓаните во општините во Брегалничкиот регион, каде што има починати ученици и блиски во семејствата, како и повредени кои се наоѓаат на лекување, по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Психолозите работат и на терен, но и ја нудат својата поддршка и преку телефонски повици.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и психолози од Комората на психолози беа во посета на неколку училишта во Штип, од каде има загинати и повредени ученици. Јаневска вели дека психолозите се најмногу присутни на терен во Кочани, но и меѓу учениците, студентите и децата во градинките во неколку општини во источниот регион. Секој граѓанин може да побара бесплатна помош од нив, бидејќи сите писхолози работат хуманитарно на терен.
Црвениот крст започна со исплатата на средства во висина од 150 илјади денари на семејствата на починатите и повредените лица кои се лекуваат во странство.
Во трагедијата во Кочани загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.