Нема никава еуфорија за Мерц кај Германците
8 мај 2025Ова требаше да биде новиот почеток за новата влада на промени? Тешко дека успеа. Повеќе беше дебакл отколку успех. Фридрих Мерц е избран за канцелар дури во вториот круг од гласањето на 6 мај во Бундестагот. Во првиот обид тој не успеа да освои апсолутно мнозинство бидејќи дел од пратениците од сопствената коалиција ЦДУ/ЦСУ и СПД не гласаа за него. Досега во историјата на Сојузна Република Германија не е забележан ваков случај.
Нема одушевување, ниту пак занос во вербата дека е ова некаков почеток на успешна влада. И мнозинството граѓани, според актуелното истражување на јавното мислење спроведено од „Дојчландтренд“ на АРД, размислуваат токму така. Институтот Инфратест димап на 5-ти и 6-ти мај испитуваше вкупно 1.325 возрасни граѓани со право на глас за нивното мислење.
Мерц допрва треба да докаже дека е дораснат на функцијата
Барем кога станува збор за Фридрих Мерц, тој си ја оствари својата долгогодишна политичка амбиција. По долги преговори, тој стана десетти канцелар на Сојузна Република Германија. Сепак, многумина се прашуваат дали тој е навистина добар избор. Дури 59 проценти од граѓаните сметаатдека не е, а само една третина од испитаниците имаат позитивно мислење за него.
Анкетираните немаат некое особено мислење ниту за поединечни министри. Новиот министер за внатрешни работи Александар Добринд од ЦДУ помина слабо на анкетата – 42 проценти го сметаат за лош избор, додека 35 проценти сметаат дека е добар. Единствениот член на владата кој добива јасна поддршка е Борис Писториус. Дури 73 проценти од испитаниците сметаат дека социјалдемократот и поранешен министер за одбрана е вистинскиот човек за таа функција.
Зошто Мерц пројде толку лошо? Веројатно затоа што многумина сè уште му замеруваат дека веднаш по изборите прекрши бројни ветувања – меѓу другото и дека државата нема дополнително да се задолжува.
Нема промени во поддршката за партиите
Иако преовладува негативното расположение кон владата, рејтинзите на партиите речиси и да не се промениле. Така на вообичаеното прашање за кого би гласале доколку изборите би се одржувале следната недела, Демохристијаните би добиле 27 проценти поддршка, односно за нијанса повеќе. СПД останува на 16 проценти, а Алтернативата за Германија и натаму е најсилната опозициска партија со 23 проценти, иако изгуби еден процентен поен. Зелените и Левицата се речиси изедначени – со 11 и 10 проценти. Алијансата на Сара Вагенкнехт и Либералите остануваат под изборниот праг од пет проценти.
На почетокот на мај, Службата за заштита на уставниот поредок АфД ја категоризираше како „потврдено десно-екстремно движење“. Партијата поднесе тужба против оцената, но Службата тврди дека со години собирала докази и дека има доволно докази дека целите на АфД се косат со демократијата, владеењето на правото и човековото достоинство.
Дури 67 проценти од граѓаните се согласуваат со таквата проценка. Разузнавачките служби сега може да ја следат АфД - вклучително и комуникациите и движењата на поединци. Сите останати партии во Парламентот исклучуваат соработка со АфД, иако нешто помалку од 50 проценти од анкетираните некако би прифатиле усвојување закони и прописи поддржани и од оваа популистичка партија. Но, за нив не е прифатливо таа да биде дел од владата, па дури ни од парламентарните гремиуми во кои, во склад со исходот од изборите, тие би можеле да имаат свои претставници.
Сепак, многу граѓани ги делат политичките ставови на АфД. Меѓу поддржувачите на партијата јасно доминира ставот дека нејзините теми им се поважни од тоа дали е етикетирана како екстремистичка. Особено е распространет ставот против имиграцијата – а, со тоа се согласуваат вкупно 45 проценти од граѓаните ширум земјата.
АфД (сепак) не е КПД
Во Германија сè повеќе се поставува прашањето: дали треба да се забрани АфД? Станува збор за компликувана правна постапка која веќе неколку пати не успеа во други случаи - само една единствена партија во историјата, и тоа кратко по основањето на Сојузна Република Германија, и де факто била забранета, а тоа е Комунистичката партија на Германија, бидејќи се залагала за револуција и приклучување кон советскиот блок. И покрај многу високиот праг за забрана на политичка партија, истражувањата покажуваат дека 43 проценти од анкетираните се за таква забрана, додека 47 проценти се против. Најголем број поддржувачи за забрана има меѓу гласачите на Зелените, Левицата и СПД.
Доста со нацистичките злосторства?
8-ми мај го означува крајот на Втората светска војна. Не само во Германија, туку и низ цела Европа. Тој датум повторно го отвора прашањето дали треба да се „повлече црта“ под нацистичките злосторства? АфД често го бара тоа. Според „Дојчландтренд“, речиси половина од поддржувачите на партијата сметаат дека „премногу“ се зборува за злосторствата на нацистите, а само девет проценти дека премалку се тематизира. Меѓу гласачите на другите партии сликата е обратна - само помал дел (меѓу 8 и 16 проценти) сметаат дека треба да се престане со потсетувањето. Во пресрет на одбележувањето на крајот на војната која што ја започна нацистичка Германија, тоа е резултат кој бара посебно внимание.