Андреј Козирев: На Украина ѝ треба уште повеќе оружје
15 мај 2025ДВ: Господине Козирев, каква е Вашата прогноза за преговорите меѓу Украина и Русија во Истанбул?
Андреј Козирев: Би се радувал да грешам, но за жал се чини дека се чисто губење на време. Нема причина преговорите, без разлика кој и да учествува, да бидат крунисани со каков било успех. Единствениот начин да се сопре Владимир Путин и де факто да се придвижи кон нормални преговори и размислување за прекин на интервенцијата, е да се вооружи Украина до коска - како што тоа го формулира американскиот претседател Доналд Трамп. Само украинската армија, украинската економија и силата на целата земја може да претставуваат пречка за натамошна агресија во Европа и продолжување на војната. Но, токму тоа фали.
ДВ: Се поаѓа од претпоставката дека Путин под притисок од дипломатските напори во последните неколку недели бил под притисок да преземе чекор – и тоа во време кога Трамп веќе изјави дека Путин си поигрува со него. И дека работите се одвиваат сосем поинаку отколку што Путин си замислувал. Дали Вие се согласувате со ова?
Козирев: Нема индиции дека Трамп е навистина подготвен да преземе конкретни потези, или барем да воведе економски санкции - иако тие не би ни биле од голема корист. Но, тој дури ни тоа не го презема, а камо ли да станува збор за снабдување со модерно оружје, зголемување на воената помош итн.
До сега забележувам само дека ниту Трамп, ниту било кој друг на Запад, или од западните сојузници не е подготвен да го направи она што „источните сојузници“ на Русија го прават за неа. Северна Кореја и Иран испорачуваат оружје и ракети. Северна Кореја дури и директно учествува во интервенцијата и испраќа војници. А, Западот само зборува. Значи за каква закана зборуваме? Путин се навикна на таквите заканувања.
ДВ: Дали мислите дека САД на чело со Трамп ќе ја променат својата политика и ќе го зголемат военото присуство во Украина?
Козирев: Секако дека може да го сторат тоа, прашање е само на политичка волја. Но, се плашат од нуклеарната уцена на Путин. Но, Путин никогаш не би посегнал по нуклеарно оружје заради Украина. Тоа е само закана. Но, САД се плашеа - и сè уште се плашат.
Западот покажа дека има слаба волја. Западот располага со оружје. Франција, Германија и Велика Британија имаат оружје што би можеле прилично брзо да го распоредат или произведат за навистина да го сменат текот на војната, па дури и да стават крај. Се надевам дека Русија ќе се повлече зад своите граници. Преговорите се само замена за какви било други мерки.
ДВ: Како човек кој моментално престојува во Вашингтон, што мислите, дали Трамп е навистина подготвен да се повлече во било кој момент и да ја заборави Украина и да се преправа дека земјата не постои на географската карта?
Козирев: Мислам дека многу би сакал да го стори тоа. И во неговото опкружување има многумина кои би претпочитале да ги забијат главите во песок како ноеви и да тврдат дека Америка е на прво место, дека не ги интересира ништо друго и дека Европа може да прави што сака. Тоа е доказ за тотален дефицит на разбирањето на улогата на Америка како лидер на слободниот свет и на американските интереси како целина, вклучително и економските. Единственото нешто што го кочи е јавното мислење, кое во САД е во голема мера на страната на Украина.
Проблем е и што дел од американската традиција е да се демонстрира сочувство со демократии кои мора да се бранат од диктатура. Како и во Европа, и во американскиот Конгрес има многу лица, вклучително и Републиканци, кои не се отворено контра Трамп, но сепак имаат јасен личен став. Има Резолуција за поддршка на Украина - и Трамп мора да ја почитува.
ДВ: Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров требаше да учествува на преговорите во Истанбул. Тој Ви беше заменик и Вие се изразувате многу позитивно за него. Но, колкав простор за маневар има министерот за надворешни работи во сегашната структура на моќ на режимот на Путин - особено во улога на потенцијален посредник за мир? Што воопшто смее да презема тој?
Козирев: Ништо. Секој министер за надворешни работи, исто како и јас кога бев на функцијата, ги спроведува политиките на претседателот. Во овој случај станува збор за диктатор. Министерот за надворешни работи му служи на диктаторот, а не на интересите на Русија. Мислам дека Сергеј Лавров е многу свесен за тоа, дека војната за Русија е исто толку голема катастрофа колку што е и за Украина, а на долг рок можеби дури и поголема. Русија се губи, додека Украина во оваа херојска борба си доаѓа при себе.