Амнести: „Епохално кршење“ на човековите права
29 април 2025Амнести Интернешнал (АИ) верува дека системот на универзални човекови права воспоставен во светот по Втората светска војна е во опасност: „Нови и темни сили спроведуваат хајка против идеалот за универзални човекови права“, пишува Агнес Каламард, генерален секретар на Амнести Интернешнал, во воведот на овогодинешниот извештај.
Актуелниот годишен извештај на Амнести има 409 страници и зборува за состојбата на човековите права во повеќе од 150 земји.
Три препознатливи модели
Оваа година, Амнести препознава три обрасци. Прво: цивилното население во воено разурнатите области е под зголемен притисок.
„Во нашиот годишен извештај опишуваме еден општ тренд. Правилата што треба да важат во конфликтите, црвените линии поставени од меѓународната заедница, сè помалку се почитуваат“, вели Јулија Духров, генерален секретар на германската филијала на АИ, во интервју за ДВ. Примери за ова, вели, се конфликтите во Судан, Газа, Украина и Демократска Република Конго.
Друг пример, наведува Духров, се малцинствата кои се загрозени во различни земји: квир луѓето, бегалците, луѓе кои размислуваат поинаку.
И третото: сè повеќе држави не успеваат да се соочат со кризата со човековите права. Ова се однесува на земјите кои некогаш беа посветени на универзалните човекови права, како што се САД.
„Американската влада се однесува како поттикнувач на оваа криза со човековите права и со тоа загрозува милијарди луѓе низ целиот свет“, објаснува Духров, наведувајќи ги како примери санкциите против Меѓународниот кривичен суд и повлекувањето од Советот за човекови права на Обединетите нации.
Израел спроведува „геноцид“ во Појасот Газа
Амнести повторно става посебен фокус на војната во Појасот Газа - конфликт што избувна во октомври 2023 година по терористичкиот напад на Хамас врз Израел, за време на кој загинаа илјадници луѓе.
АИ го обвинува Израел за извршување „геноцид“ врз Палестинците. „Меѓународната заедница беспомошно гледаше како Израел убива илјадници и илјадници Палестинци, вклучувајќи цели семејства и генерации, и ги уништува темелите на нивното постоење - домови, болници и училишта“, се наведува во извештајот. Оваа невладина организација веќе ги потврди тие обвинувања во извештај од 300 страници објавен во декември минатата година.
Меѓутоа, обвинението за геноцид е контроверзно. Владата на Израел категорично ги отфрла тие тврдења, а адвокатите за човекови права, како што е Стефан Талмон, се сомневаат во правната валидност на тие обвинувања. Од друга страна, други невладини организации, како што е „Хјуман рајтс воч“, го обвинуваат Израел за „геноцидни акти“, на пример со насочената политика на изгладнување на цивилното население.
Повеќе од две години, Судан се соочува со граѓанска војна која има најлоши последици за цивилното население. „Таму се раселени повеќе луѓе отколку каде било на друго место во светот“, се вели во извештајот.
Поранешната американска влада ја обвини бунтовничката група за геноцид. Во својот документ, Амнести не зборува за ова, туку за меѓусебно насилство и повикува на воведување ембарго за оружје. Меѓутоа, генералната секретарка Духров не исклучува дека во иднина АИ би можела да дојде до заклучок дека таму се спроведува геноцид.
Односот кон климатските и пропалестинските протести во Германија
Во случајот со Германија, Амнести, покрај построгите закони за азил, го критикува и ставот кон протестите. Климатското движење е криминализирано и „за време на протестите за солидарност со Палестинците, доживеавме генерални забрани, полициско насилство и несоодветни реакции од властите“, вели Духров. Меѓу нив, Амнести вклучува распуштање на конгреси, судски пресуди поради слогани и полициски акции за време на демонстрациите, кои ги оценува како премногу репресивни.
Она што извештајот не го опфати беа нападите врз новинари поврзани со пропалестинските демонстрации, како што беше особено сериозниот напад во Лајпциг во јануари 2024 година.
Амнести не го документираше тешкиот физички напад врз студентот Лахава Шапира во февруари 2024 година, во кој тој доживеа потрес на мозокот и му беше смачкано лицето - и кој судот сега го окарактеризира како антисемитски. На прашањето за тоа, Духров истакнува:
„Се бориме против антисемитизмот и сите ксенофобични ставови и напади, вклучително и оние засновани на расизам и исламофобија. Можеме да објавиме само она што самите сме го истражиле и документирале. Тоа не се случи во овој конкретен случај“, рече Духров.
Барање: Враќање на почитувањето на човековите права и на пример апсење на Нетанјаху
Амнести ги повикува владите да се вратат на поредокот заснован на правила за човекови права и да ги почитуваат човековите права и меѓународното право.
Според Јулија Духров, ова вклучува и почитување и спроведување на меѓународни потерници, како онаа против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Би била потребна и реформа на Советот за безбедност на ОН.
И покрај сите негативни работи, како што рече таа, има и позитивни случувања, како што покажаа протестите во Јужна Кореја. „Покрај негативните, секогаш гледаме позитивни случувања. Човековите права имаат сила на која се потпираат луѓето кои излегуваат на улица. И затоа ги повикуваме владите да ги стават човековите права во центарот на своите политики. Но, секако, тоа бара ангажман од сите - тоа зависи од сите нас“, заклучува Духров.