Американските воени удари врз Иран: што сѐ е на коцка?
23 јуни 2025Една недела по започнувањето на нападите врз Иран, Израел има постигнато многу од своите цели: водечки офицери од војската и нуклеарни научници се убиени, а ракетни бази и атомски постројки се оштетени. Но, подземниот објект за збогатување на ураниум во Фордо беше надвор од дофат на израелските воздухопловни сили. „Трамп очигледно поаѓа од тоа дека Израел сам не може значително да ја ослабне иранската нуклеарна програма“, оценува во разговор со ДВ експертот за безбедност Џорџо Кафиеро, кој смета дека САД затоа интервенирале. Но, тајмингот за многу експерти беше изненадување. Трамп всушност најави дека сака да си даде период од две недели за да го обмисли својот потег. Истовремено аналитичарите сè повеќе се сомневаа во премисата на Израел дека „нападите врз нуклеарната програма на Иран се базираат на дезинформации“, вели за ДВ Фаваз Гергес, професор по блискоисточна политика и меѓународни релации на Лондонската школа за економија. Американската разузнавачка служба заклучила дека Иран не се обидува активно да направи нуклеарна бомба и дека би му биле потребни најмалку три години за воопшто и да има капацитет да го стори тоа.
Каков е воениот одговор на Исламската Република?
Техеран брзо одговори со нови ракетни напади врз Израел - знак за тоа колку Техеран е под притисок да дејствува брзо и одлучно, не само како средство за заплашување, туку и за да демонстрира сила. Можни се и насочени напади врз американските бази, напади врз трговски бродови, па дури и блокада на Ормускиот теснец, една од најважните рути за глобалната трговија со нафта. Таквото постапување би имало огромни економски последици, но не само за Западот. „Тоа би ја отсекол Кина од увозот на нафта од регионот. (...) Тоа би ја погодило кинеската економија веројатно дури и посилно отколку западните економии“, вели експертот за Иран, Камран Матин од Универзитетот во Сасекс. А Народната Република заедно со Русија, е еден од најважните стратешки партнери на Иран.
Клучното прашање сега е дали Иран ќе најде начин енергично да возврати - без да предизвика уште посилна реакција од Вашингтон? Американскиот претседател Доналд Трамп веќе јасно стави до знаење дека секоја одмазда ќе наиде на „преголема сила“. Ризикот од понатамошна ескалација е голем. Но, многу работи остануваат нејасни. Ајатолахот Хамнеи, врховниот лидер на Иран, наводно е во бункер изолиран од електронски комуникации. Без негов збор, одлука не е можна. И сè додека тој молчи, останува нејасно како всушност ќе реагира Иран.
Како реагираат луѓето во Иран?
Многумина се шокирани. По израелските напади, тие се прилагодија на новата реалност со постојани експлозии, празни улици и делумно затворени продавници. Сега и американските напади ја надополнуваат сликата. Неизвесноста расте: каде е безбедно? Колку долго ќе трае сето ова? И каде води? Многумина имаат мешани чувства - особено по реакцијата на безбедносните сили на протестите во изминатите години. „Човек може да претпостави дека многу Иранци, ако не и огромното мнозинство, ја отфрлаат, па дури и ја мразат Исламската Република“, вели Камран Матин.
Затоа се среќни што Израел елиминираше важни команданти на армијата и Револуционерната гарда. Во меѓувреме расте и стравот за тоа што би можело да се случи ако Исламската Република опстои бидејќи не само што нападите врз Иран продолжуваат, туку и нападите на Исламската Република врз сопственото население: таа ги таргетира малцинствата и критичарите на режимот - на пример, дисидентскиот рапер Тумаџ Салехи, кој повторно е уапсен. Многумина се загрижени и за судбината на политичките затвореници. Секој пат кога режимот е под надворешнополитички притисок, тој се свртува на внатрешен план за да ги замолчи непожелните гласови. Населението е меѓу два фронта - и очигледно ниту една страна не ги застапува неговите интереси.
Какво влијание има сето ова врз регионот?
„Мислам дека, освен Израел, речиси и да нема земја во регионот што се радува за нападот“, вели експертот Џорџо Кафиеро. Државите од Советот за соработка меѓу заливските земји, особено се загрижени и сакаат пред сѐ стабилност за регионот. Во изминатите години, многу од нив се обидоа да ги подобрат своите дипломатски врски со Техеран - меѓу другото за да не ги загрозат своите економски интереси. Саудиска Арабија веќе изрази „голема загриженост“. Сепак, многу земји од Персискиот Залив имаат мешани чувства за моменталната ситуација, вели Фаваз Гергес во интервју за ДВ и додава дека „тие многу се плашат од ескалација. Од друга страна, не мислам дека се несреќни што гледаат како Иран ден за ден е бомбардиран од Израел, а сега и од САД“. Земји Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати пак истовремено ги доживуваат САД како гарант за безбедност. „Ако конфронтацијата меѓу Вашингтон и Техеран ескалира дополнително притисокот врз овие земји да изберат една или друга страна ќе се зголеми“, вели Куфиеро.
Дали сè уште постои шанса конфликтот да се реши дипломатски?
Американскиот претседател Доналд Трамп зборува за „шанса за мир“, но властите во Техеран размислуваат поинаку. „Бевме во преговори со САД кога Израел нè нападна“, пишува иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи. „Каков заклучок би извлекле од тоа?“, прашува понатаму тој.
Неделава неговата земја била во преговори со Европејците кога САД нападнаа. „Не мислам дека во моментов има надеж за дипломатија“, вели и Фаваз Гергес. „Како може раководството во Техеран да има доверба во Доналд Трамп, кој постојано ги доведува во заблуда, дури и ако сакаат да преговараат?“, прашува тој. Израел јасно стави до знаење дека ќе прифати само еден исход во преговорите: целосно уништување на нуклеарните објекти на Иран - сценарио кое веројатно е неприфатливо за Техеран. Но, ако дипломатско решение е единствениот начин да се зачува власта на Исламската Република, може да се случи промена на курсот бидејќи останувањето на власт отсекогаш била примарна цел на мулите. Уште пред нападите од САД врз нуклеарните објекти на Иран, Техеран отфрли секаква форма на дипломатија сè додека нападите врз земјата продолжуваат - како што е ситуацијата во моментов.
Прашањето е значи дали Израел би бил подготвен да ја запре својата офанзива - дури и ако Исламската Република го задржи последниот збор на воен план што зависи од тоа дали Израел е заинтересиран „само” за уништување на нуклеарната програма на Иран или и за промена на режимот во Техеран. Второто би било ризична цел бидејќи е сигурно дека Иран за сега го бомбардираат само две многу моќни држави. Барем една од нив, САД, е нуклеарна сила. Кој и да има главен збор во земјата во иднина, добро ќе размисли како да спречи нешто такво - а, тоа би можело да значи и растечка желба да се има сопствена нуклеарна закана.