Американски сенатор насилно отстранет од прес-конференција
13 јуни 2025Демократскиот сенатор Алекс Падија беше насилно отстранет од страна на безбедносните сили за време на прес-конференција на министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем во Лос Анџелес. Калифорнискиот политичар ја прекина републиканската министерка додека таа зборуваше на местото на настанот за апсењата на имигрантите во градот и протестите против нив.
На видео снимки се гледа како Падија го кажува своето име и функција, а потоа, за време на изјавата на Ноием, вика: „Имам прашања“. Додека тој сè уште зборува, безбедносните сили интервенираат, го зграпчуваат и го извлекуваат од просторијата. Притоа сѐ уште се слуша како Падија вика: „Тргнете ги рацете!“ Во ходникот, агенти на ФБИ го туркаат на земја и му ставаат лисици.
Министерството тврди дека безбедносните сили дејствувале соодветно
Подоцна, Падија изјави дека тој и неговите колеги побарале од Министерството за внатрешна безбедност повеќе информации за неговите „сè поекстремни мерки за спроведување на имиграциските закони“ и добиле малку или никакви информации. „Ако оваа администрација вака одговара на прашање на сенатор, можам само да замислам што им прават на земјоделските работници, готвачите и надничарите во заедницата на Лос Анџелес, низ цела Калифорнија и низ целата земја“, рече тој.
Министерството за внатрешна безбедност по инцидентот на платформата Х објави дека припадниците на Тајната служба сметале дека станува збор за напаѓач и затоа дејствувале „соодветно“. Падија, како што се вели, ја прекинал прес-конференцијата и ѝ се приближил на Ноем „без да се легитимира“.
Сенаторите во САД традиционално имаат истакната позиција, па оттука инцидентот е невообичаен. Падија е сенатор од 2021 година. Тој беше назначен да ја наследи Камала Харис откако таа влезе во Белата куќа како потпретседателка во мандатот на претседателот Џо Бајден. Падија, син на мексикански имигранти, е првиот Латиноамериканец кој ја претставува државата Калифорнија во Сенатот во Вашингтон.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, по инцидентот на Х напиша дека сенаторот е еден од најпристојните луѓе што тој ги познава. „Ова е скандалозно, диктаторски и срамно“, оценува Њусом, додавајќи дека Трамп и неговите луѓе биле надвор од контрола и дека тоа мора веднаш да заврши.
Министерството за внатрешна безбедност подоцна објави дека министерката Ноем по инцидентот имала 15-минутен разгвоор со сенаторот Падија.