Девет амбасадори од македонскиот дипломатски корпус оваа пролет се враќаат дома. Во услови кога светот се соочува со тектонски не промени туку потреси во геополитиката, Северна Македонија прави големи рокади во својата дипломатија. На прв поглед тоа е разбирливо бидејќи јазот меѓу Европа и САД се продлабочи по враќањето на претседателот Доналд Трамп во Белата Куќа, а нашата држава јасно застана зад новата американска администрација во услови кога доминантниот дел од Европа не ги прифаќа новите политики на САД. И тоа не само што не ги прифаќа туку ги оценува како штетни и смртоносни за демократијата, мирот и просперитетот на светот.
Дома се враќаат амбасадорите на Македонија во Босна и Херцеговина, Шведска, Белгија, Бугарија, Чешка, Постојаната мисија при меѓународните организации во Виена, Црна Гора и во Велика Британија. Поради завршување на мандатот се враќа и амбасадорката во Советот на Европа. Сите останати осум амбасадори Владата ги враќа пред истекот на нивниот мандат.
Повлекување на амбасадори пред да им заврши мандатот не е ништо ново ниту пак невидено во политиката и кај странските држави, макар што тоа таму се случува поретко и секогаш е поради објективни причини а не за партиски потреби. Стабилноста во дипломатијата е огледало за една држава и за нејзиниот зрелост и конзистентност во надворешната политика.
Македонија, меѓутоа, ја менува својата амбасадорска структура во лош момент. Ја повлекува амбасадорката од Велика Британија во моменти кога оваа држава се враќа на европската сцена и им дава поддршка на земјите од ЕУ во изнајдувањето одговор на новите ветришта од САД.
Далеку од тоа дека македонскиот амбасадор во Лондон е во првата дипломатска постава со која разговара Даунинг Стрит, но да се биде таму и да се чувствуваат осцилациите во атмосферата во Обединетото Кралство е од суштинско значење за надворешната политика на нашата држава. Со оглед дека процедурите за именување и акредитирање на нови амбасадори траат со месеци, Македонија ќе биде отсутна од моќната островска држава за цело време додека трае кризата во односите меѓу Европа и САД, што не зборува позитивно за процените на нашата државна дипломатија и потребите што ги има земјава од навремени информации за правилно да го насочува својот надворешно-политички курс.
Претседателката ја правда Владата
Се враќа и амбасадорката од Софија, во време кога Скопје ги дигна очекувањата дома дека по формирањето нова влада во Бугарија, ќе отпочне дијалог за надминување на блокадата во евроинтеграциите. Самото предвремено повлекување на амбасадорот, Бугарија може да го искористи како аргумент дека Македонија не е заинтересирана за своите евроинтеграции и не планира да инвестира дипломатски напори во односите со официјална Софија. Тоа може да се протолкува и како промена на стратегијата, но со оглед на притисокот што Македонија го трпи од Бугарија, за очекување е дека источниот сосед внимателно ги анализира сите чекори на Скопје и ги користи за да добие поени.
Македонија, инаку, нема амбасадор ниту во НАТО откако се врати досегашниот амбасадор. Иако имаше информации дека веќе е извршена селекција и е определен кадар за тоа место, процедурата стои во место.
Спорно е и тоа што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека ги потпишала указите за отповикување на амбасадорите од должноста бидејќи „заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието“. Но познато е дека во тоа време со Комисијата за надворешна политика раководеше кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој тактизираше со свикување на Комисијата поради што и покрај добиените агремани амбасадорските кандидати не можеа да заминат во државите во кои требаше да ја претставуваат Северна Македонија. Истите беа приморани да заминат на амбасадорските дестинации без да ги претстават своите приоритети пред Комисијата за надворешна политика.
Чекор кон компромитација
Сепак, да не се залажуваме, Македонија прави предвремени рокади во дипломатијата поради партиски причини. Но кога тоа го прави со големи и нагли резови како што е амбасадорската сеча објавена деновиве, потегот може да биде меч со две острици и да ја компромитира надворешната политика на државата. А замената на професионалци во дипломатијата како што се некои од оние кои предвреме ги разрешија, со партиски кадар кој нема допирни точки со оваа сфера, е прв чекор до компромитација на надворешната политика.
Бездруго треба да се почека и понудата на Владата односно коалициските партнери кои ја сочинуваат, за нови амбасадори, за да биде комплетна сликата, но самото тргнување од премисата „овој не е наш ајде да го смениме“ е алармантен потег кој заслужува критика.
За жал сите досегашни влади не останаа имуни на играње играчки со најважната сфера во водењето на политиката, па многу често Македонија доживуваше срам со амбасадори кои физички се пресметуваат со колеги во амбасадата, пијани амбасадори кои возат во државата каде ја претставуваат Македонија или амбасадори кои поради непознавање на дипломатијата не си ја вршат мисијата. Но исто така треба да се каже дека во групата која Владата ја повлекува има професионалци во дипломатијата кои се пример за тоа како треба да изгледа еден дипломат.
Во програмата за работа на Владата стои дека ќе изврши целосно кадровско екипирање и професионален напредок на Министерството за надворешни работи и трговија и дека ќе пристапи кон ревизија на дипломатско-конзуларната мрежа за да ја прилагоди на потребите и целите на новата надворешно-политичка стратегија. Беше ветено и дека ќе се засилат дипломатските капацитети на државата, ќе се унапреди квалитетот на дипломатско-конзуларните претставништва и ќе се засилат кадровските капацитети.
Засега такви чекори не може да се забележат. Дипломатијата како да останува заложник на партиските апетити а не репрезент на државните интереси.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.