Алијанса за Албанците пред одлука - заедно со Вреди или сами
14 април 2025Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари е исправена пред одлука - дали ќе остане дел од коалицијата Вреди, или пак ќе продолжи сама во пресрет на локалните избори. Партијата во вторник (15.04) ќе одржи седница на Централното претседателство, на која треба да одлучи како ќе дејствува во иднина.
Таравари: Трета опција нема
Министерот за здравство и лидер на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, којшто се најде на удар на критиките на останатите партии коишто се дел од коалицијата Вреди дека преговара со Али Ахмети, е дециден дека не се разговора со ДУИ. Како политички субјект, вели Таравари, на претстојните локални избори имаат две опции - едната е да продолжат во рамки на коалицијата Вреди (Влен), а другата е да излезат од коалицијата и да настапат сами.
„Изборот е меѓу овие две опции. Нема трета опција“, рече Таравари, одговарајќи на новинарски прашања во врска со барањето на коалициските партнери од Вреди да одбере страна и да одговори што поскоро кој правец ќе го фати.
Во партијата веќе се правеле одредени анализи и анкети коишто покажале дека во одредени општини би имале добар резултат и доколку настапат сами. „Аналитичкиот центар на АА има направено одредени анкети, ќе ги презентира и ќе треба да донесеме заедничка одлука како да се настапи“, вели Таравари. Тој смета дека „добро котираат во Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Сарај, Липково...“
„Не мислиме дека ќе победиме, меѓутоа мислиме дека може да направиме добар резултат. Меѓутоа, ајде да видиме, на крај граѓаните одлучуваат“, додава тој.
Дали ќе го изеде волкот тој што ќе се оддели од групата?
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити од редовите на Вреди деновиве порача дека Таравари ќе мора да се одлучи. „Таравари треба да пресече, дали е дел од Влен или е во преговори со ДУИ. И едно и друго не може. Преговори со ДУИ значи дека може да испорача и фактури од ДУИ, и тогаш ќе се коси со политиките на Владата“, рече Меџити.
Лидерот на Беса, пак, Биљал Касами го сподели ставот дека најголем губитник ќе биде оној кој ќе излезе од коалицијата Влен, како и дека за него ќе важи народната поговорка: „Тој што ќе се оддели од групата, ќе го јаде волкот“. Таравари смета дека Касами избрзува кога дава вакви изјави.
Коалицијата Вреди деновиве одржа состанок во Скопје на којшто лидерите од Алијанса за Албанците - Арбен Таравари, Демократското движење - Изет Меџити, Беса на Биљал Касами и Зеќирија Ибраими од Алтернатива разговараа за состојбата во коалицијата и за претстојните локални избори. Средбата следеше откако изминатите недели во јавноста испливаа на површина несогласувањата меѓу нив во пресрет на локалните избори во Северна Македонија.
Три партии обединети во Вреди се согласни да одат со заеднички листи и програма на локалните избори наесен. Таравари, пак, ја разгледува опцијата да се оди со посебни листи на локалните избори. Во меѓувреме се реактивираше и идејата за обединување на политичките партии од оваа коалиција во една партија.
Таравари на 7 април изјави дека нема добиено понуда од „Влен“ да се спојат во една партија. „Ако имаме, ќе одлучиме, но ако тие веќе одлучиле, им го даваме името - нека го задржат името Влен. Ние ќе останеме пет пратеника од Алијанса и ќе продолжиме како пратеничка група, но отворени сме за соработка со сите“, рече Таравари.