Ал Џазира: Пет новинари убиени во израелски напад во Газа
11 август 2025Според наводите на арапската телевизиска станица Ал Џазира, дописникот на оваа телевизиска станица, како и четворица негови колеги, се убиени во израелски воздушен напад во Појасот Газа. Анас ал-Шариф и неговите соработници наводно се убиени во целен напад врз шатор за новинари во градот Газа, во северниот дел на Појасот Газа. Израелската армија ја потврди смртта на Анас ал-Шариф. Се вели дека тој се претставувал како новинар на Ал Џазира, но водел терористичка ќелија на милитантната исламистичка група Хамас. Според Ал Џазира, останатите четворица загинати колеги на ал-Шариф се уште еден новинар и тројца сниматели.
Ал Џазира ги негира израелските тврдења
Израелската војска се повика на разузнавачки информации и документи пронајдени во Појасот Газа кои наводно ја докажуваат воената поврзаност на Анас ал-Шариф со Хамас. Тој бил одговорен за лансирање ракетни напади врз израелски цивили и војници, соопшти армијата.
Арапската телевизија, меѓутоа, соопшти дека израелската војска не презентирала никакви документи потврдени од независни меѓународни тела за да ги поткрепи овие тврдења. Ал Џазира го опиша 28-годишниот ал-Шариф како „познат арапски дописник“ кој опширно известувал од северниот дел на Појасот Газа за телевизијата.
Забрана за емитување на Ал Џазира во Израел
Со години, односите меѓу Израел и Ал Џазира се многу напрегнати. Во Израел моментално постои забрана за емитување на катарската телевизија. Ова беше овозможено со закон донесен во април, кој предвидува забрана за странски медиуми кои се сметаат за штетни за безбедноста на Израел. Израелскиот министер за комуникации, Шломо Кархи, ја нарече оваа телевизија „гласноговорник на тероризмот во служба на Хамас“. Ал Џазира ги негира овие обвинувања. И Палестинската автономна власт им забрани на Ал Џазира и на нејзините вработени каква било активност на Западниот Брег окупиран од Израел. Од почетокот на војната, на странските новинари во голема мера им е забранет влез во Појасот Газа. Сепак, локалните новинари известуваат од терен. Постојано има извештаи за новинари кои се убиени во израелски напади.